Најмалку 30 загинати во терористички напад со автомобил-бомба во Пакистан

Експлозијата погодила воз што превезувал безбедносни сили и нивни семејства, а одговорноста ја презеде сепаратистичката група БЛА

Најмалку 30 лица загинаа, а десетици се повредени во тежок терористички напад со автомобил-бомба во пакистанската провинција Балучистан, јавуваат светските медиуми. Нападот се случил во градот Квета, кога возило полно со експлозив удрило во патнички воз што превезувал припадници на безбедносните сили и членови на нивните семејства. 

Според првичните информации, силната експлозија предизвикала излетување од шините на локомотивата и неколку вагони, при што два вагони се превртеле. Во нападот биле оштетени и околните објекти и возила, а очевидци сведочат за сцени на паника, густ чад и хаотични спасувачки операции. 

Одговорноста за нападот ја презеде сепаратистичката група БЛА (Балучистанска ослободителна армија), која со години води вооружени напади против пакистанските власти и безбедносните сили во регионот. Според нивното соопштение, цел на нападот биле припадници на армијата кои патувале за празникот Курбан Бајрам. 

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф го осуди нападот и порача дека државата ќе продолжи со борбата против тероризмот. Во болниците во Квета била прогласена вонредна состојба поради големиот број повредени. 

Балучистан е една од најнестабилните провинции во Пакистан и често е сцена на вооружени напади, бомбашки акции и судири меѓу безбедносните сили и сепаратистички групи. Регионот е стратешки важен и поради кинеските инфраструктурни проекти и пристаништето Гвадар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс