ОН: Заборавете на 1,5, температурата на Земјата ќе порасне до 2,8 степени

Новиот извештај на УНЕП предупредува дека сегашните владини политики не го запираат затоплувањето, а прагот од 1,5 степени веќе не е реален.

Глобалното затоплување ќе биде значително поголемо од претходните проценки, а просечната температура на Земјата до крајот на векот би можела да порасне за дури 2,8 степени Целзиусови. Новиот извештај на Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) предупредува дека амбициите од Парискиот договор се пред колапс. Дури и во најоптимистичкиот развој на настаните, планетата ќе се загрее за 1,7 до 1,8 степени до средината на векот, што директно ги загрозува земјоделството, водните ресурси и здравјето на граѓаните.

За да се стабилизира климата, Програмата на Обединетите нации за животна средина пресмета дека емисиите на стакленички гасови мора да паднат за 18 проценти до 2030 година во однос на нивото од 2025 година. Барањата за следната деценија се уште построги: намалување за 45 проценти до 2035 година и за 69 проценти до 2040 година.

Реалните владини политики на терен нудат само симболичен напредок. Со постојните национални планови, емисиите до 2030 година би се намалиле за само 5 до 8 проценти, а до 2035 година меѓу 11 и 15 проценти. Овој јаз меѓу научните предупредувања и реалните политики ја турка планетата кон затоплување од 2,8 степени. Доколку земјите ги исполнат барем преземените ветувања, порастот би запрел на 2,6 степени, што сепак е катастрофално ниво.

Повисоките проекции на ОН доаѓаат како директен резултат на ревидираните пресметки за историските емисии, но и поради повлекувањето на САД од меѓународните климатски обврски. Овој дипломатски застој директно се прелива врз помалите и ранливи региони, вклучително и Балканот.

Македонија со години се соочува со продолжени летни топлотни бранови, намалување на водниот фонд во акумулациите и зачестени шумски пожари што го уништуваат шумскиот фонд. За земјоделците во Пелагонија, Повардарието и Струмичко, овие глобални десетинки значат уништени приноси и пресушени канали за наводнување. Домашната енергетска транзиција кон сонце и ветер доцни токму кога најмногу треба да ги замени старите термоцентрали на јаглен.

Во пресрет на глобалната климатска конференција КОП31 во Турција, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, апелираше владите да не капитулираат пред неповолните бројки. Според проценките, задржување на затоплувањето строго под 1,5 степени без негово претходно надминување веќе не е изводливо.

„Пречекорувањето на температурниот праг не значи предавање. Сè уште можеме да обезбедиме тоа надминување да биде што помало и што пократко, па да ги вратиме температурите под 1,5 степени до крајот на векот“, изјави Гутереш.


Сценариото за враќање на температурата под 1,5 степени до 2100 година има само 50 проценти веројатност за успех. Тоа бара масовно, скапо и технолошки сè уште недокажано испумпување на јаглеродниот диоксид директно од атмосферата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс