Младите на Западен Балкан за себе велат дека се прогресивна генерација, но бројките од истражувањата, сепак, говорат нешто сосем друго. Осум од десет сакаат да се зачуваат традиционалните вредности, а помалку од половина се за еднакви права за ЛГБТИ луѓето.
Ова го покажува истражувањето „Пулс на демократијата: Генерација З на Западен Балкан“ на Фондациите Отворено општество за Западен Балкан. Анкетата опфаќа 6.062 млади на возраст од 16 до 28 години од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, спроведена во мај и јуни 2025 година.
Резултатот е генерација што размислува како баба кога станува збор за семејството, а како синдикалец кога станува збор за даноците. Истражувањето за тоа го користи терминот „хибридни вредности“, како некој вид либерален конзерватизам.
Идеологија? Нема потреба
Само 21,5 отсто од младите велат дека имаат политичка идеологија, а 64,5 отсто јасно велат дека немаат. За споредба, ТикТок како извор на информации го користат 32,2 отсто, повеќе од колку што има млади со било каква идеологија.
Меѓу тие што се определиле, левицата и десницата се речиси изедначени. Десно или надесно се определиле 7,6 отсто од сите испитаници, а лево или налево 7,3 отсто.
Во ЕУ сликата е поинаква: налево се 32 отсто од младите, а надесно 19 отсто, според истражувањето на фондацијата TUI од 2025 година.
Кај овој мал број идеолошки определени се гледа и познатата поделба. Од жените со идеологија, 40,8 отсто се лево или налево, а од мажите со идеологија, 41,3 отсто се десно или надесно. Но, како што ќе видиме, кога ќе се премине од етикети на конкретни прашања, разликата речиси исчезнува.
Традицијата пред сè
Дури 81,1 отсто од младите се согласуваат дека е важно да се зачуваат традиционалните вредности. 78,5 отсто сметаат дека треба да останат лојални на националниот идентитет, дури и во глобализиран свет.
Авторите очекувале дека интернетот ќе го омекне националното чувство, но податоците тоа не го потврдуваат. Интернетот, кој требаше да ги направи граѓани на светот, засега не успеал ниту да ги извади од семејната куќа: 68,4 отсто живеат во куќа со родителите.
Бракот е сè уште во мода. За 42,3 отсто тоа е најпожелната форма на врска, а кај постарите од 25 години дури 50 отсто. Најважната особина кај партнерот е лојалноста (64,8 отсто).
Во фокус групите младите отворено ја признаваат оваа двојност.
„Мојата генерација е некаде меѓу традиционалните и прогресивните вредности, но повеќе тежнее кон традиционалните поради менталитетот и заедницата во која живееме“, вели учесник од српската заедница во Косово.
„Мислам дека Генерација З во Албанија е сè уште конзервативна, иако има и прогресивни поединци. Тоа е главно поради влијанието на родителите“, вели средношколец од Албанија.
Еднаквост со ѕвездичка
На хартија, ова е толерантна генерација. Дури 83,2 отсто се согласуваат дека сите треба да имаат еднакви права без разлика на етничкото потекло.
Но кога еднаквоста треба да седне на семеен ручек, работите се менуваат. Подготвеноста за брак со Ром или Ромка никаде не надминува 22,1 отсто, колку што е во Србија, а во Косово е само 3,4 отсто.
Слично е и со родовата еднаквост. Вкупно 70,8 отсто се согласуваат дека повеќето можности за жените го подобриле животот на сите. Истовремено, 51,7 отсто сметаат дека напорите за родова еднаквост им даваат на жените посебен, а не еднаков третман. Изненадувањето е што така мислат и 51 отсто од жените.
Најниска поддршка во целата анкета имаат правата на ЛГБТИ луѓето. Само 47,2 отсто се за еднакви права без разлика на сексуалната ориентација, а 29 отсто се против, што е најголемо несогласување на било кое прашање. Толеранцијата е реална, но на безбедно растојание.
„Кога станува збор за ЛГБТИ луѓето, можеби не се прифатени на хартија, но нашето општество сè повеќе ги прифаќа. Сè додека се добри луѓе, ќе ги прифатам, но нема да одам на парада или гласно да зборувам за нивните права“, вели средношколка од Македонија.
Нема родов јаз, има заеднички татко
Во светот се зборува за нова родова поделба: младите жени сè повеќе одат налево, а младите мажи надесно. На Балканот такова нешто нема. И девојките и момчињата се конзервативни, жените се само малку потолерантни кон маргинализираните групи.
| Изјава (се согласуваат) | Жени (%) | Мажи (%) |
| Треба да се зачуваат традиционалните вредности | 80,3 | 82,2 |
| Лојалност на националниот идентитет | 78,2 | 79,1 |
| Силна влада и по цена на некои слободи | 47,5 | 50,6 |
| Повисоки даноци за подобри јавни услуги | 66,9 | 68,2 |
| Еднакви права без разлика на етничко потекло | 84,9 | 81,5 |
| Напорите за родова еднаквост им даваат посебен третман на жените | 51,0 | 52,5 |
| Повеќе можности за жените го подобриле животот на сите | 75,1 | 66,3 |
| Еднакви права за ЛГБТИ луѓето | 52,5 | 41,6 |
Позначајна разлика меѓу родовите има само кај последните две прашања. Дури 22,9 отсто од момчињата се целосно против еднакви права за ЛГБТИ луѓето, спрема 13,5 отсто од девојките.
Кај сè друго, од традицијата до даноците, жените и мажите се разликуваат за помалку од четири процентни поени.
Левичари кога е за паричникот
Конзерватизмот завршува таму каде што почнуваат јавните услуги. Дури 67,5 отсто се за повисоки даноци, ако тоа значи дека сите ќе имаат еднаков пристап до квалитетни јавни услуги. Универзален основен приход поддржуваат 56,7 отсто.
На генерацијата, значи, ѝ треба скандинавска социјална држава со балкански семеен ред. Учесник од фокус групата во Косово тоа го кажа најкратко:
„Идеалната држава треба да има стабилност, здравство, силна економија, социјална заштита, воен капацитет и добро образование. Ако државата ги има сите овие, можеме да ја наречеме нормална држава, не нужно идеална.“
Истата хибридност се гледа и кај демократијата. Дури 79,7 отсто сметаат дека демократијата е најдобриот систем, ако се бројат и оние што тоа го мислат „до некој степен“, а 60,9 отсто сакаат повеќе директна демократија. Истовремено, 48,9 отсто се за силна влада што ќе воспостави ред, дури и ако ограничи некои слободи.
Инстаграм 0, баба 1
Средношколец од Албанија предвидува дека традиционалните вредности постепено ќе слабеат поради интернетот и глобализацијата. Засега, сепак, Инстаграм губи од семејната трпеза.
За партиите пораката е јасна. Оваа генерација не бира меѓу лево и десно, бира дали болницата и училиштето работат. Авторката заклучува дека нивната приврзаност кон демократијата помалку зависи од идеологијата, а повеќе од тоа дали институциите функционираат и полагаат сметка.
Со други зборови, партијата што ќе ја привлече оваа генерација нема да ја привлече со манифест, туку со закажан преглед што ќе се случи на време.
