Националниот џез оркестар на 28 октомври, со почеток во 20:00 часот во Националната опера и балет, ќе одржи концертот посветен на четири децении уметничка кариера на истакнатиот тромбонист, аранжер и композитор Сашко Николовски.
Настанот претставува омаж за творештвото на Николовски во македонската музичка култура. Публиката ќе има можност да слушне избор од неговите авторски композиции и аранжмани, како и дела од други македонски автори и соработници, меѓу кои Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Џијан Емин и Иван Петровски.
Под диригентската палка на Џијан Емин, концертот ќе ги обедини различните периоди и влијанија од четиридецениското деловање на авторот. Николовски е професионално ангажиран во оркестарот на Националната опера и балет од 1986 година, а во текот на кариерата бил дел од Квартетот тромбони, оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески, Гоце Стевковски Септет и Националниот џез оркестар. Како круна на неговата кариера се издвојува и неговиот прв авторски албум „Not for Sale“.
На сцената како специјални гости ќе настапат Сашо Гигов-Гиш, Дарко Мучев – Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски – Катин.
