Скопје станува чајна софра: Од македонски планински чаеви до кинески ритуали

Повеќе од 30 билкари, производители на мед и мајстори на чај носат тридневна едукативна и уметничка програма.

Од 30 октомври до 1 ноември, на приземјето во Скопје Сити Мол, ќе се одржи единаесеттото издание на „Фестивалот на чај“, во знакот на „Ароматичната моќ на билките“.

Повеќе од 30 учесници, сертифицирани билкари, чајни мајстори, креатори на чајни тинктури и љубители на чај од земјава и од странство ќе ги претстават своите производи и знаење, нудејќи им на посетителите ретка шанса да откриваат различни вкусови да дегустираат и да уживаат во аромите што ги слават природата и нејзината разновидност.

Фестивалот и годинава ја поврзува традицијата со едукацијата, културата и современите практики. Посетителите ќе можат да проследат и работилници, панел-дискусии, презентации и уметнички перформанси, преку кои, чајот и билките ќе бидат претставени од различни перспективи – од македонското традиционално билкарство и планинските чаеви до размена на меѓународно знаење и искуства.

Во фестивалската понуда ќе учествуваат: La Soy&LaCha, Билна Аптека „Матија“, Роза Канина Ресен, Ливан Херба, Ignea Cosmetics – билна козметика, ЛАВИТА АГРО, Happy пчелни производи, EKO восочни обвивки, Гостилица планински чај, Health Shop Macedonia, Мое сапунче, Елена Манчевска, Мирјана Ангелеска, ТРАНТАЛОВСКИ фарм, ПЗ Природен мед, АНТОВИ природна козметика и медови производи, АПИ козметика, ПетроскиВ, ЛЕ-НАтура, Тилиа органика, Моја фарма, Бороџун, Мојот сапун, Шарено ќоше, ТиноСки и Нате препорачува. Во програмата ќе се вклучат и Ботаничката градина и Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), како и Институтот „Конфуциј“ при УКИМ.

Покрај фестивалската понуда во текот на трите денови на истата локација предвидени се и придружни настани – едукативни работилници, панел дискусии, перформанси и презентации.

Па така, во петок на 30 октомври од 18 часот ќе се случи настанот „Македонска чајна софра: Допир до сите сетила“, кој нуди патување низ ароматичните молекули на македонските билки, преку знаењето и приказните што се пренесувале од генерација на генерација. „Моја фарма – Тумчевиште“ ќе го претстави македонскиот планински чај, од семиња од Националниот парк „Маврово“. Предвиден е и настап на Пламенка Трајковска со соло виолина, а посетителите ќе се запознаат и со традиционалниот македонски билков ритуал „Сучење врвки“, поврзан со празникот Водици и карактеристичен за гостиварскиот крај.

Од 19 часот следува церемонијата на чај на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ, посветена на традиционалната кинеска уметност на чајот. Програмата ќе биде дополнета со кинески инструментален перформанс и кинески танц, во изведба на професорите и студентите на Институтот.

Во сабота, на 31 октомври, од 13 часот ќе се одржи „Чајанка“ со амбасадорот на Република Словенија, Н.Е. Грегор Прескер. Предвидени се и панел-дискусии на теми „Шумите како бизнис екосистем“ и „Моќта на билките“. Во фокусот ќе бидат успешните стартап-иницијативи, женските претприемачки приказни и современиот рекап на традиционалното билкарство, со акцент на можностите што ги отвораат природните ресурси за развој на нови идеи и претприемачки пристапи. Ќе биде организирано и детско креативно катче од 13 часот, збогатено со пчеларска и уметничка работилница „Медена приказна“ во организација на ПЗ Природен мед со пчелар Христијан Аврамовски и уметницата Сања Јовановска.

И во неделната програма, на 1 ноември, во 12 часот на пладне започнува медената работилница „Што јадат пчелите“, во организација на ПЗ Природен мед. Веднаш потоа од 13 часот следува кинеска дегустација на чај и културни перформанси, со калиграфија и хартиена техника.

Со спојот на дегустации, традиционални практики, културни содржини и едукативни активности, единаесеттото издание на Фестивалот на чај ќе понуди три денови посветени на ароматичните билки, нивната употреба и културното наследство што го носат.


Фестивалот го организираат Центарот за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција ПРИРОДА“/МРК Дијалог и Скопје Сити Мол.

е-Трн да боцка во твојот инбокс