Телефонот ви се празни пред крајот на денот? Овие навики можат да ја спасат батеријата

Не мора веднаш да купувате нов телефон. Неколку промени во поставките на Android можат да ја намалат потрошувачката и да ви помогнат батеријата да трае подолго.

Ако телефонот ви се празни уште пред да заврши денот, а до неодамна батеријата без проблем издржувала многу подолго, не мора веднаш да размислувате за нов уред. Во голем број случаи, дел од потрошувачката може да се намали со неколку едноставни промени во поставките.

Еден од најголемите потрошувачи на енергија најчесто е екранот, па токму таму можете да започнете. Намалете ја осветленоста или вклучете автоматско прилагодување на светлината, а корисно е и да го скратите времето по кое екранот автоматски се исклучува – на пример, на 30 секунди.

Намалете ја стапката на освежување

Ако телефонот поддржува освежување на екранот од 120 Hz, можете да го префрлите на 60 Hz кога не ви е потребно најмазното можно прикажување. Повисоката стапка на освежување овозможува помазно скролање и анимации, но може да троши повеќе енергија.

Темниот режим исто така може да помогне, особено кај телефоните со OLED и AMOLED екрани. Сепак, ефектот зависи од осветленоста на екранот и од начинот на кој го користите телефонот.

Вклучете ги опциите за заштеда на батеријата

Android телефоните имаат вградени функции како „Штедење батерија“ и „Адаптивна батерија“. Тие можат да ја ограничат активноста на одредени апликации во заднина, особено на оние што продолжуваат да работат и кога моментално не ги користите.

Ова е особено корисно ако имате многу инсталирани апликации, бидејќи дел од нив можат постојано да проверуваат за известувања, да ја користат локацијата или да вршат други активности во заднина.

Не мора секогаш да ја полните до 100 отсто

И начинот на кој го полните телефонот има влијание врз долгорочниот живот на батеријата. Ако вашиот уред има опција за ограничување на полнењето, можете да ја активирате за батеријата да не се полни постојано до 100 отсто.

За литиум-јонските батерии често се препорачува, кога тоа е практично, да се избегнува постојано празнење до нула и долготрајно одржување на 100 отсто. Како поштедлив опсег често се наведува приближно од 20 до 80 отсто, иако не мора секогаш строго да се придржувате до него.

Проверете која апликација ја троши батеријата

Ако телефонот и понатаму се празни необично брзо, отворете ги поставките за батеријата и проверете кои апликации трошат најмногу енергија. Можно е апликација што ретко ја користите да работи во заднина многу повеќе отколку што очекувате.

Кај дел од апликациите можете да го ограничите работењето во заднина или да ги ставите во состојба на мирување, со што ќе се намали нивната активност кога не ги користите.

Внимавајте ако потрошувачката одеднаш се зголемила

Ако телефонот одеднаш почнал да се празни многу побрзо од вообичаено, а претходно немал таков проблем, причината може да биде и проблематична апликација. Во одредени случаи необичното однесување може да биде поврзано и со несакан или злонамерен софтвер.

Затоа проверете што неодамна сте инсталирале или ажурирале и погледнете ја листата на апликации што трошат најмногу батерија. Ако една апликација отскокнува со невообичаено висока потрошувачка, тоа може да биде добар знак од каде доаѓа проблемот.

Ако имате Samsung, проверете ја состојбата на батеријата

Корисниците на Samsung можат да ја проверат состојбата на батеријата преку апликацијата Samsung Members и нејзината дијагностика. И други производители имаат слични алатки вградени во поставките на телефонот.

Ако дијагностиката покаже дека батеријата е значително деградирана, промената на поставките нема целосно да го реши проблемот. Во таков случај, можно е едноставно да е дојдено време за замена на батеријата, наместо постојано да се обидувате да ја намалите потрошувачката со ограничувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс