Тексас ја воведува Библијата како задолжителна лектира во училиштата – одлуката предизвика жестоки реакции

Од 2030 година учениците во јавните училишта во Тексас ќе читаат библиски текстови како задолжителна лектира. Одлуката отвори дебата за одвојувањето на црквата од државата и верските слободи.

Образовниот одбор на американската сојузна држава Тексас изгласа воведување на библиски приказни како задолжителна лектира за околу пет милиони ученици во јавните училишта. Одлуката беше усвоена со девет гласа „за“ и пет „против“, а новата програма ќе почне да се применува од 2030 година. Учениците ќе треба да читаат делови од Стариот и Новиот завет, меѓу кои приказната за Адам и Ева, Книгата на Излезот, како и параболата за изгубениот син и текстови поврзани со животот на Исус.

Ова е првпат Тексас да воведе единствена задолжителна листа на книги што ќе ја изучуваат учениците низ целата држава. Покрај библиските текстови, на списокот се наоѓаат и класични дела како „Големите очекувања“ од Чарлс Дикенс, „Јулиј Цезар“ од Вилијам Шекспир, говорот „Имам сон“ на Мартин Лутер Кинг Јуниор, како и прошталниот говор на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер за американскиот претседател Роналд Реган.

Жестоки критики: „Христијанството се става над сите други религии“

Одлуката веднаш предизвика реакции од образовни и граѓански организации, кои предупредуваат дека задолжителното изучување на библиските текстови го нарушува принципот на одвојување на црквата од државата и верските слободи.

Фелиша Мартин, извршна директорка на организацијата Texas Freedom Network, оцени дека новата програма „го става христијанството над сите други верски убедувања и традиции“ и не нуди доволно културна и историска разновидност. Критики упатија и наставниците, кои сметаат дека новата задолжителна листа е предолга и дополнително ќе ја ограничи нивната слобода самите да избираат литература соодветна за учениците.

Поддржувачите велат: „Библијата се враќа во училиштата“

Републиканците, кои имаат мнозинство во образовниот одбор, ја поздравија одлуката, нагласувајќи дека учениците треба подобро да ги разберат јудео-христијанските вредности кои, според нив, одиграле важна улога во создавањето на Соединетите Американски Држави. „Оваа недела ја враќаме Библијата во училиштата за првпат по шест децении“, изјави членот на одборот Брендон Хол.

Одлуката е дел од пошироките иницијативи на конзервативните власти во Тексас за зголемување на присуството на религијата во образованието. Минатата година државата воведе обврска во училниците да бидат истакнати Десетте Божји заповеди, а тој закон неодамна беше потврден и од федерален апелациски суд.

Американскиот претседател Доналд Трамп, коментирајќи ги ваквите политики, изјави дека „верата повторно се враќа во Америка, посилна од кога било во последните многу години“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс