Иран му доставил на Вашингтон нов предлог за прекин на војната, со кој би се отворил Ормускиот Теснец за пловидба и би се укинала американската блокада кон Иран, додека најтешкото прашање, иранската нуклеарна програма, би било оставено за подоцнежна фаза од преговорите.
Според висок ирански функционер, кој зборувал под услов на анонимност поради чувствителноста на дипломатските разговори, Техеран смета дека ова е значаен чекор кон можен договор. Идејата е најпрво да се создаде простор за смирување на конфликтот, а дури потоа да се разговара за ограничувањата на нуклеарната програма и евентуалното укинување на санкциите.
Предлогот предвидува војната да заврши со гаранција дека Израел и САД нема повторно да го нападнат Иран. За возврат, Иран би го отворил теснецот, а САД би ја укинале блокадата на иранските пристаништа. Подоцна би следеле разговори за иранската нуклеарна програма, при што Техеран бара Вашингтон да го признае неговото право на збогатување ураниум за мирнодопски цели, дури и ако се согласи привремено да го суспендира тоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека „не е задоволен“ од најновиот ирански предлог, без да наведе точно кои делови ги смета за неприфатливи. Тој порача дека Иран бара работи на кои не може да се согласи.
Вашингтон досега инсистира дека нема да прифати крај на војната без договор што би го спречил Иран да дојде до нуклеарно оружје. Иран, пак, тврди дека неговата нуклеарна програма е мирнодопска и дека секој договор мора да го земе предвид неговото право на цивилно збогатување ураниум.
Предлогот бил доставен до САД преку посредници, а според Reuters, ова е најдетализирана верзија на иранската идеја прво да се отвори Ормускиот Теснец, а нуклеарните прашања да се решаваат во следна фаза.
Четири недели по прекинот на американските и израелските воздушни напади врз Иран, договор за целосно завршување на конфликтот сè уште нема. Иран повеќе од два месеци ја ограничува пловидбата низ Заливот, освен за сопствени бродови, додека САД минатиот месец воведоа сопствена блокада на бродови што испловуваат од ирански пристаништа.