АВМУ побара истрага за заканите со физичко насилство кон новинарката Милка Смилевска

Агенцијата за медиуми бара реакција од институциите по експлицитни закани со физичко насилство и говор на омраза на социјалните мрежи.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) побара надлежните институции итно да постапат по серијата закани со физичко насилство насочени кон новинарката Милка Смилевска на социјалната мрежа Фејсбук. Од регулаторното тело укажуваат дека пораките објавени под фотомонтажа со нејзиниот лик го надминуваат просторот на јавна критика и претставуваат директно загрозување на безбедноста.

Реакцијата на АВМУ следува по објавувањето фотомонтажа со ликот на новинарката Смилевска, под која беа испишани експлицитни закани. Меѓу нив се издвојува коментарот „кршење на коски на ороспии платени од сорос сатаната“, што според Агенцијата претставува отворен повик за физичко насилство.

Од медиумскиот регулатор посочуваат дека таквите пораки не може да се оправдаат со повикување на слободата на изразување, ниту пак претставуваат легитимен начин на изразување несогласување.

Несогласувањето со новинарските ставови мора да се артикулира преку аргументирана дебата, факти и издржани ставови, наместо преку заплашување и дискредитација. АВМУ потсетува дека дигиталниот простор не е надвор од опсегот на законските правила и механизми за заштита на личната безбедност и достоинство.


Надлежните институции треба сериозно да го разгледаат случајот и да преземат мерки во рамките на своите законски овластувања, со цел да се обезбеди средина во која медиумските работници ќе можат да работат без страв од насилство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс