Oвој четврток во Котур, Стотројка ги претставува Larsovitch од Франција и Snakeatsnake од Бугарија, два соло-проекта што на различен начин ја истражуваат мрачната страна на електронската музика. Двојна концертна вечер за танц во длабокото.
Larsovitch носи радикален coldwave со вкус на источноевропска пост-панк меланхолија. Немилосрден ритам, декадентни синтисајзери, остри гитарски линии и тројазичен поетски отпор на грчки, руски и француски. Меланхолијата и бесот се претвораат во мрачен, катарзичен танц.
Snakeatsnake создава налудничави Industrial/EBM/Techno ритуали од нуклеарното засолниште. Разуздана панк енергија, модуларни синтисајзери и дисторзирани кирилични вокали. Неред и дисциплина.
По минатогодишните настапи, Larsovitch и Snakeatsnake повторно во Скопје.
Постерот го дизајнира Теодор Симоновски, според оригинална фотографија на Јелена Белиќ со бруталистички мотив од зградата на Радио-телевизискиот дом.
Концертот е дел од континуираната годишна програма за одбележување 35 години Стотројка.
