„Театар за тебе“ утре, на 16 октомври, ќе настапи со две изведби на претставата „Чуварот на последното дрво“ во рамки на фестивалот „Игор Маџиров“. Настаните ќе се одржат во Театарот за деца и младинци во Скопје од 11:00 и 13:00 часот. Интерактивната еколошка приказна ги става најмладите во улога на активни заштитници на природата, поврзувајќи ја сцената со реалната потреба од сочувување на урбаното зеленило.
„Чуварот на последното дрво“, создадена по мотиви на познатото дело „The Lorax“, е интерактивна еколошка претстава која преку хумор, музика и игра ги поттикнува најмладите да размислуваат за значењето на природата и за сопствената улога во нејзиното зачувување.

Заедно со Бојан, Марија и нивната баба, децата се впуштаат во авантура во потрага по легендарниот Лори и последното дрво. Низ ова театарско патување, исполнето со забава, интеракција и важни пораки, публиката открива дека секој од нас може да придонесе за почиста и поздрава планета.
Авторка и режисерка на претставата е Изабела Јакимова, додека продуцентка и техничка координаторка е Сара Томевска. Во претставата настапуваат ликовите Лори/Џоџо- Ѓорѓе Нешковиќ, Бабата/Лена/Фроги- Изабела Јакимова, Бојан- Гоце Андонов, Марија- Ангела Лефкова.
Со учеството на фестивалот „Игор Маџиров“, „Театар за тебе“ продолжува да ја развива својата мисија за создавање интерактивни и едукативни театарски содржини за деца, кои преку уметноста отвораат важни прашања и поттикнуваат позитивни промени.
