Фудбалскиот натпревар меѓу Хајдук и Ајакс во Сплит прерасна во сцена на отворен екстремизам и хулиганско насилство. По дводневни масовни тепачки низ градот, пресметката се префрли на трибините на стадионот Пољуд. Судијата мораше да ги испрати играчите во соблекувалната поради силен чад од факели и топовски удари. Претходно, членови на Торцида маршираа низ градските улици извикувајќи нацистички и антисемитски пароли, што предизвика остри политички осуди и полициска истрага.
Навивачкиот марш на домашната група Торцида кон Пољуд се претвори во демонстрација на шовинизам и омраза. Во колоната која маршираше кон стадионот јасно се слушаа повици за насилство насочени кон еврејската заедница, спомнување на концентрациониот логор Аушвиц и величање на Адолф Хитлер. Покрај антисемитските извици, се скандираа и отворени устишки пароли.
😞 with Hajduk Split leading Ajax [2:1] — fans chose to do this! #HajAja • #UECL https://t.co/vX6CCMwHeE
— Magyezi (@gyezi_) October 15, 2026
Сплитско-далматинската полиција потврди дека се евидентирани казниви содржини и започна криминалистичко истражување за идентификување на виновниците. Јавни реакции стигнаа и од политичките партии во Хрватска, кои побараа итна реакција од полициското раководство и порачаа дека навивачкиот статус не смее да служи како алиби за толерирање фашизам.
Насилството не започна на стадионот, туку еруптираше претходната ноќ во самото градско јадро. Според официјалните полициски извештаи, во масовната тепачка на сплитската Рива учествуваа околу 500 хулигани, по што интервентните единици приведоа вкупно 57 лица. Претходно беа уапсени и 19 навивачи на холандскиот клуб кај кои полицајците пронајдоа ладно оружје, меѓу кои три ножа и камења.
Четири холандски државјани завршија во сплитската болница со полесни телесни повреди. Дополнително, нападнат и оштетен беше и изнајмен автомобил во близина на Задар, управуван од 52-годишен Холанѓанец. Судските органи експресно изрекоа седумдневни затворски казни за дел од приведените гостински навивачи, заедно со двегодишна забрана за пристап до Рива и Пољуд.
Случувањата во Сплит не се изолиран спортски инцидент, туку алармантен показател за длабоката радикализација на навивачките поткултури на просторите на поранешна Југославија. Истакнувањето на фашистички и нацистички симболи, кои директно газат врз антифашистичкото наследство на регионот, со децении наоѓаат плодна почва на трибините токму поради млакиот институционален одговор.
Ваквите појави носат директни безбедносни ризици за сите граѓани. Кога улиците стануваат заложник на параполициски навивачки судири, јавниот простор престанува да биде безбеден за урбаниот живот.
