Театарот од Дубровник гостува во МНТ со претставата „Види како Локрум мие заби“

Интимната семејна приказна за соочувањето со загубата на 29 септември ќе биде изведена пред скопската публика.

Македонскиот народен театар на 29 септември ќе биде домаќин на Казалиште „Марин Држиќ“ од Дубровник, кое пред скопската публика ќе ја изведе претставата „Види како Локрум мие заби“. Претставата е работена според драматизација на истоимениот роман на хрватската писателка Ивана Ловриќ Јовиќ, во режија на Паоло Тишљариќ.

Претставата претставува емотивна приказна што се одвива во текот на една ноќ. Дејството е сместено помеѓу моментот кога главната протагонистка ја дознава веста за смртта на својот татко и неизбежното соочување со таа загуба.

Низ призмата на четири генерации жени од едно исто семејство, драмскиот текст ги истражува сеќавањата, тагата, љубовта и сложените роднински релации. Фокусот е ставен врз начините на кои поединецот се справува со болката.

Овој сценски проект е копродукција меѓу Казалиште „Марин Држиќ“ и Дубровничките летни игри, а драматизацијата на романот ја потпишува Маријана Фумиќ. По премиерната изведба, ансамблот настапи на фестивали и сцени во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Турција.

Актерската екипа ја сочинуваат Марија Шегвиќ / Ирена Тереза Прпиќ, Сандра Лончариќ, Миреј Станиќ, Ања Матишиќ, Перица Мартиновиќ, Ника Ласиќ, Борис Матиќ и Бојан Берибака.

Од МНТ наведуваат дека со ова гостување ја продолжуваат меѓународната соработка со дубровничкиот театар. Влезниците за изведбата се веќе пуштени во продажба преку билетарницата и онлајн системот на театарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс