„Тајм аут“ го прогласи Охридско Езеро за најубаво место во Европа: „Мир и прифатливи цени“

Како што пишува „Тајм аут“,  Европа крие голем број импресивни, но помалку посетени езерски дестинации, а Охридското Езеро е на врвот на нивниот избор

Додека езерото Комо во италијанскиот регион Ломбардија е познато по познати личности, луксузни вили и големи толпи, Охридското Езеро им нуди на посетителите поинакво искуство.

Како што пишува „Тајм аут“,  Европа крие голем број импресивни, но помалку посетени езерски дестинации, а Охридското Езеро е на врвот на нивниот избор.

Тоа е едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, кое се протега на границата меѓу Албанија и Северна Македонија. Кристално чистата сина вода, планинските врвови во позадина и брегот прошаран со историски градови создаваат сцена која, според патеписците, не заостанува зад познатото италијанско езеро.

Главниот туристички центар на македонската страна од езерото е градот Охрид, кој се наоѓа на самиот брег.

Стариот дел од градот е познат по своите тесни калдрмисани улички и големиот број средновековни цркви. Според легендата, некогаш имало дури 365 од нив, по една за секој ден од годината.

Препознатливиот изглед на градот го надополнуваат теракотните покриви што се спуштаат кон езерото. Преку ден, посетителите можат да уживаат во пливање и посета на античките остатоци, додека вечерите се идеални за гледање на зајдисонцето зад околните планини.

Сето ова, наведува „Тајм аут“, може да се доживее по значително попристапни цени во споредба со одмор на езерото Комо.

Различна атмосфера нуди албанската страна  на Охридското Езеро, каде што има потивки села и недопрени природни пејзажи.

Селото Лин, познато по остатоците од стар мозаик, се издвојува. На посетителите им се достапни и живописни кампови покрај брегот, каде што може да се резервираат лежалки и сместување по прифатливи цени.

Освен Охридското Езеро, на листата на најубавите места во Европа составена од патеписците на списанието „Тајм аут“ се најдоа и други атрактивни дестинации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс