Светски ден на заштита на природата

Светскиот ден на заштита природата во сенка на пожари и суша

Земјата има четири национални паркови, ендемски видови и езеро под заштита на УНЕСКО, но секое лето повторно губи илјадници хектари шума.

Денес, 28 јули, светот го одбележува Светскиот ден за заштита на природата. За Македонија, датумот доаѓа по две тешки последователни години – 2024, кога изгореа над 94.000 хектари шума, и 2025, кога штетата од пожарите достигна околу 50,1 милион евра.

Според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари (ЕФФИС), дел од програмата Коперник, во 2024 година во Македонија изгореа над 94.000 хектари шума во 126 пожари. Тоа е речиси колку целата опожарена површина во претходните десет години заедно и претставува 3,6 отсто од вкупната територија на земјата.

Според извештајот на ЈП „Национални шуми“ за работењето во 2025 година, низ земјата биле евидентирани 178 шумски пожари, во кои изгореле 17.631,71 хектари шума и шумско земјиште. Проценетата штета изнесува околу 50,1 милион евра, а трошоците за гаснење чинеле дополнителни 10,3 милиони денари. Меѓу најтешко погодените подрачја беше планината Готен, на тромеѓето меѓу општините Василево, Радовиш и Берово, поради чиј пожари Владата прогласи кризна состојба на целата територија на државата. Во гаснењето учествувале 6.328 лица.

Воздухот и депониите остануваат нерешени

Со воздухот земјава не поминува подобро. Скопје повеќе зими по ред влегува меѓу градовите со најзагаден воздух во Европа. Нелегалните депонии никнуваат покрај реки и патишта, а отпадот често завршува директно во водните текови.

Четири национални паркови и езеро под заштита на УНЕСКО

Земјата располага со четири национални паркови, Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, бројни заштитени подрачја и ендемски видови растенија и животни. Охридското Езеро, едно од најстарите во Европа, е под заштита на УНЕСКО од 1979 година, истовремено како природно и како културно наследство.

Сепак, грижата за истото останува на ниско ниво. Извештај на Институтот за јавно здравје потврди дека дел од хотелите, куќите и туристичките објекти долж охридското крајбрежје сè уште не се приклучени на колекторскиот систем, што претставува ризик за езерскиот екосистем.

Што може да смени секој поединец?

Помалку отпад, рационално користење на вода и енергија и редовно рециклирање се меѓу чекорите што секој граѓанин може да ги стори денес. Институциите го носат товарот на превенцијата, но две последователни рекордни години покажуваат колку чини секое одложено решение.

е-Трн да боцка во твојот инбокс