ИЈЗ предупредува: Септички јами и неприклучени објекти и натаму го загрозуваат Охридското Езеро

ИЈЗ предупредува дека дел од хотелите, куќите и туристичките објекти долж охридското крајбрежје сè уште не се приклучени на колекторскиот систем, што претставува ризик за езерскиот екосистем.

Иако водата во Охридското Езеро генерално ги исполнува законските критериуми за капење, голем број хотели, угостителски објекти, туристички населби и приватни куќи долж крајбрежјето и натаму претставуваат потенцијален извор на загадување, предупредува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот Извештај за проценка на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење.

Според извештајот, колекторскиот систем ги собира отпадните води од Охрид и Струга и ги носи до пречистителната станица во селото Враништа, но значителен број објекти сè уште не се приклучени на системот. Меѓу нив се наведуваат хотели и туристички комплекси на потегот Десарет – Свети Наум, дел од објектите од Струга до Радожда, како и приватни куќи во делови од Охридското крајбрежје, меѓу кои Сараиште, Канео, Света Софија, Трпејца, Љубаништа и Радожда.

Дел од отпадните води завршуваат во септички јами

ИЈЗ посочува дека во дел од овие населени места отпадните води се собираат во септички јами, а во Радожда, според извештајот, постои ризик дел од нив директно да се испуштаат или да понираат во езерото. Како потенцијални загадувачи се наведуваат и шанковите на плажите, испустите за атмосферски води во кои понекогаш се приклучени фекални води, како и базените во рамки на туристичките капацитети.

Проблем со канализацијата кај Свети Наум

Посебен проблем, според ИЈЗ, претставува локалниот канализациски систем во комплексот Свети Наум. Иако хотелот „Св. Наум“, ресторанот „Острово“ и околните угостителски објекти се приклучени на системот, тој не обезбедува целосен третман на отпадните води.

Во моментов функционира само дробилка за фекалии, без целосна филтрација и хлорирање пред испуштањето во езерото.

ИЈЗ предупредува дека пречистителните постројки во автокамповите Љубаништа, Ливадишта и Градиште можат ефикасно да работат само доколку редовно се одржуваат, празнат и дезинфицираат.

Анализите покажуваат добра состојба, но има критични точки

И покрај предупредувањата, лабораториските анализи на примероците земени од 20 мај до 24 јуни покажуваат дека водата во најголем дел од Охридското Езеро ги исполнува законските критериуми. Според физичко-хемиските параметри, најголем дел од езерото е класифициран во прва класа, со исклучок на мерното место Грашница, каде водата е оценета како трета класа.

Во однос на микробиолошкиот квалитет, повеќето плажи имаат оценка „одлично“, додека кај плажите кај хотелот „Ројал“, Лабино и каналот Студенчишта квалитетот е оценет како „добар“.

Најлоша состојба повторно е регистрирана кај Грашница, каде примероците не ги исполнуваат критериумите ниту за оценка „добар“ квалитет.

ИЈЗ бара целосно решение на проблемот

Институтот препорачува итно проширување и целосно функционализирање на колекторскиот систем, приклучување на сите објекти долж крајбрежјето, спречување на мешање на атмосферската и фекалната канализација, како и континуирано следење на квалитетот на водата.

За разлика од Охридското Езеро, кај Преспанското Езеро не се евидентирани значајни извори на загадување, а анализите покажале низок ризик.

Кај Дојранското Езеро, пак, како главни потенцијални загадувачи се наведуваат земјоделските активности, употребата на пестициди и вештачки ѓубрива, отпадните води од викенд-населбите и комуналниот отпад. ИЈЗ препорачува засилен мониторинг и координирани активности за долгорочна заштита на езерскиот екосистем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс