Свештеник загина откако врз него падна голем крст со распнатиот Исус

Трагичен инцидент ја потресе католичката заедница во Еквадор, откако свештеник почина за време на миса, кога врз него падна голем крст со фигурата на распнатиот Исус Христос.

Несреќата се случила пред верниците во црквата, а трагичниот момент бил забележан и за време на директниот интернет-пренос на богослужбата.

Несреќата се случила во саботата, 17 октомври, во црквата „Перпетуо Сокоро“ во градот Гвајакил, каде што свештеникот Патрисио Алфредо Санчез Молинари служел миса.

Според информациите што ги објави шпанскиот медиум „Марка“, голем крст со фигурата на распнатиот Исус ненадејно паднал и го удрил свештеникот во главата.

Настанот предизвикал паника меѓу присутните верници, кои биле сведоци на трагедијата.

На видеоснимката што се проширила на социјалните мрежи се слуша како една жена вознемирено повикува: „Оче, оче… повикајте брза помош!“

И покрај повикот за итна медицинска интервенција, животот на свештеникот не можел да биде спасен.

Црквата се прости од свештеникот

Санчез Молинари бил парохиски свештеник во црквата „Перпетуо Сокоро“ и член на Конгрегацијата на Пресветиот Искупител, позната и како редот на редемптористите.

По трагедијата, Католичката црква објавила соопштение во кое ја потврдила неговата смрт.

„Соопштуваме дека нашиот сакан отец Патрисио Алфредо Санчез Молинари, кој служеше како парохиски свештеник во црквата Перпетуо Сокоро, замина во домот на Отецот, за да ужива во Неговото присуство и слава“, се наведува во соопштението.

Веста за неговата смрт предизвикала шок и тага меѓу верниците во Гвајакил, особено поради околностите во кои се случила несреќата.


Засега не се познати причините поради кои големиот крст паднал за време на богослужбата, ниту дали претходно постоеле индикации дека неговата конструкција е нестабилна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс