Свечен настан за стартот на новата академска година на УКИМ – Студентите обединети по 14 години

Денес, на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), свечено започна новата академска година со прв академски час на едно место за сите бруцоши на универзитетот. Ова е првпат по 14 години сите новозапишани студенти да го започнат своето академско обраование заедно, на едно место. Претходно, ваков обединувачки настан се одржал во 2010 година. За 75-годишната историја на универзитетот, оваа година е посебна – со обединување на студентите на ниво кое ретко се случува.

Настанот започна со официјален дел и обраќање на студентите: „Ова е историски момент за УКИМ, обединивме генерации по пауза од 14 години и создадовме простор каде што сите бруцоши можат заедно да го започнат својот пат во високото образование. Ова го правиме за да покажеме дека студентската заедница е посилна кога е обединета.“

По официјалниот дел, студентите ќе учествуваат на информативна сесија за ориентација, со цел полесно снаоѓање со предизвиците што ги чекаат на факултетите. Оваа сесија е организирана со цел да се олесни нивната интеграција и вмрежување со студентските организации, фирми, компании и агенции кои соработуваат со универзитетот. Вечерта, како круна на денот, студентите ќе уживаат во вечерен концерт со три бенда, диџеј сет, како и настапи на Пајак и Лара, и студентскиот бенд „Укимци“. По концертот, ќе се одржи афтер забава во Скопје Event Центар.

Предизвиците за студентскиот стандард и сместување

Еден од најголемите предизвици за студентите оваа година е студентското сместување. Според Александар Николовски, два од најголемите студентски домови – „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ – се моментално во процес на реновирање, што предизвикува недостиг на легла. „Работиме активно со Министерството за образование и наука за да најдеме решение за студентите кои аплицираа за сместување, но не добија легло. Во меѓувреме, тие се сместуваат во ученички домови, што за сега е задоволително решение,“ изјави Николовски.

Другите студентски домови како „Гоце Делчев“ се реновирани и се во добра состојба, додека домот „Пелагонија“ е во следната фаза за реновирање. Од друга страна, се работи на подобрување на квалитетот на храната во домовите, со директна соработка меѓу УСС и Министерството.

Стипендии и студентски оброк

Еден од приоритетите на УСС оваа година е зголемување на бројот на стипендии за втор и трет циклус студии. Како што истакна Николовски: „Работиме на тоа да обезбедиме повеќе стипендии за магистерски и докторски студии, а исто така направивме олеснувања за студентите од прв циклус.“ Во делот на студентскиот оброк, УСС најавува новитети кои ќе бидат објавени следната недела.

Во однос на студентскиот превоз, УСС се залага за враќање на мерката за субвенциониран превоз од 1200 денари месечно за студентите кои патуваат од други градови. Николовски истакнува дека дополнително се работи на овозможување бесплатен градски превоз за сите студенти, вклучително и за оние од втор и трет циклус.

Квалитет на високото образование

Квалитетот на високото образование е друга важна тема на агендата на УСС. Студентите активно учествуваат во Националното координативно тело за квалитет на високото образование, формирано со цел да се подобри образованието на универзитетско ниво. „Испративме студентски манифест кој бара намалување на бројот на студентски програми и оптимизирање на концентрацијата на универзитети во земјата, бидејќи постоечкиот број на институции не одговара на бројот на население,“ додаде Николовски.

Рангирање на УКИМ

УКИМ оваа година за првпат беше рангиран на европската КјЕС листа на 440-то место, што е значаен успех. Според Николовски, активно се работи и на рангирање на Шангајската листа и други светски рангирања, но за ова ќе бидат потребни дополнителни средства кои треба да ги обезбеди Владата за истражување и наука.

Новата академска година започна со надеж и визија за подобро студентско искуство. Студентите на УКИМ, обединети за прв пат по 14 години, се подготвуваат да се соочат со предизвиците што ги носи студирањето, со поддршка од студентското собрание, Министерството за образование и останати партнери од заедницата. Овој академски час не само што означува нов почеток за бруцошите, туку и ново поглавје во историјата на најстариот универзитет во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни