Судски процес во Брисел открива сојуз на латиноамериканските картели и балканската мафија

Обвинението во Белгија за шверц на 45 тони кокаин ја разобличи директната врска меѓу латиноамериканските картели и балканските кланови.

Обвинителството во Брисел покрена постапка против 31 лице, со што во судница влезе една од најголемите транснационални мрежи за шверц на кокаин во Европа. Меѓу клучните обвинети се Сержио Роберто де Карваљо, поранешен бразилски воен полицаец познат како „бразилскиот Ескобар“, и белгискиот државјанин Флор Бресерс. Случајот директно ги потврдува наодите на европските безбедносни служби за спојување на јужноамериканските производители со балканските криминални структури, без традиционалните посредници на поморските рути.

Судскиот процес во белгиската престолнина се фокусира врз логистички систем што според обвинението успеал да внесе десетици тони кокаин на европско тло. Истражителите документираа дека групата користела стотици милиони долари преку фиктивни компании, криптовалути, финансиски трансакции и луксузен недвижен имот за перење на профитот.

Шеесет и осумгодишниот Карваљо и четириесетгодишниот Бресерс, според доказите на обвинителството, изградиле оперативен модел каде пратките од Јужна Америка патувале директно до главните европски пристаништа. Бресерс, кој претходно дипломирал криминологија во Брисел, во криминалното подземје важел за пресметлив организатор задолжен за логистиката и заштитата на товарот при влез во Белгија и Холандија.

Истражувањето на британски „Гардијан“ покажува дека европскиот пазар на наркотици бележи радикална структурна промена. Наместо да работат преку повеќе нивоа на препродавачи, латиноамериканските картели сега испраќаат свои оперативци со траен престој во европските градови.

Во тој синџир, балканските организирани групи, предводени од албански кланови и соработници од регионот, презедоа централна улога за прием, складирање и копнена дистрибуција на пратките. Паралелно со италијанската ’Ндрангета, балканската мрежа обезбедува директен пристап до пристанишната инфраструктура во Антверпен и Ротердам, што значително ја намали крајната цена на дрогата на европските улици и го зголеми обемот на шверцот.

Балканскиот регион со години служеше како транзитна точка, но оперативните врски документирани во Брисел покажуваат дека криминалните групи од Западен Балкан сега се рамноправни партнери на најмоќните јужноамерикански синдикати. Овие врски генерираат огромен капитал кој потоа се пласира назад во регионот преку градежниот сектор и недвижностите, што претставува директен притисок врз кревките локални економии и институции.


Македонските и регионалните полициски служби во рамки на соработката со Европол сè почесто следат трансфери на пари и логистички бази токму поврзани со овие прекуокеански рути, каде профитот од пристаништата во Северна Европа завршува во приватни инвестиции низ балканските метрополи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс