Албанските студенти влегоа во осмиот ден од масовните протести во Тирана, каде што утринава им се приклучија и универзитетските професори во заеднички марш кон зградата на Владата. Иако премиерот Еди Рама се обиде симболично да понуди преговори поставувајќи празни столчиња со натпис „Дијалог“ пред својот кабинет, демонстрантите експресно ги отстранија реквизитите и порачаа дека компромис нема да има без оставки и системски реформи.
Маршот кон седиштето на извршната власт започна од платото пред Политехничкиот универзитет во Тирана. Наместо да седнат на црвените столчиња што премиерот лично ги постави пред влезот неколку часа претходно, незадоволните млади ги тргнаа настрана, оставајќи порака со зборот „Оставка“. Рама претходно преку видеопорака изјави дека владиниот тим е отворен за разговори на секоја локација и во секое време, но само со оние што не користат насилство врз полицијата.
Во меѓувреме, состојбата во другите универзитетски центри низ Албанија е мирна. Во Влора наставата на факултетите засега се одвива редовно, што покажува дека главниот притисок останува концентриран директно на улиците во главниот град.
Официјалната позиција на кабинетот на Рама се движи меѓу повик за разговор и најава за сериозни законски санкции. Обраќајќи им се на директорите на средните училишта во Тирана, шефот на албанската влада настаните ги опиша како дел од хибридна војна поттикната од странски актери.
Премиерот излезе со конкретна статистика за билансот од изминатата недела: повредени се околу 200 полициски службеници и 80 демонстранти, тврдејќи дека меѓу повредените протестанти помалку од половината се вистински студенти. Како директен одговор на уличните немири, тој најави иницијативи за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за лица под 16 години, како и правна одговорност на родителите за каква било материјална штета предизвикана од малолетници.
