„Алгоритам не може да одговара и затоа не смее да одлучува за судбината на човекот“

Интерниот прирачник на компјутерскиот гигант IBM уште во 1979 година постави граница што технолошките директори денес масовно ја бришат.

„Компјутерот никогаш не може да сноси одговорност, затоа компјутерот никогаш не смее да донесе менаџерска одлука“. Оваа реченица стоеше на слајд за обука на вработените во ИБМ (IBM) пред речиси половина век. Денес, со експанзијата на вештачката интелигенција во канцелариите и институциите, предупредувањето е претворено во суров тест за работничките права. Кога софтвер ќе пресече за човечка егзистенција, вината исчезнува во кодот.

Во архивите на компјутерскиот пионер ИБМ постои интерна презентација од 1979 година со наслов „Спецификација за прецизен надзор на системите“. На една од страниците е испишана суштината на одговорноста: машината нема свест, нема граѓанска должност и не оди на суд. Затоа раководните одлуки мора да останат кај човекот.

Четири децении подоцна, ветувањето е фрлено под маса. Корпорациите воведуваат алатки за вештачка интелигенција кои одлучуваат за вработување, автоматски рангираат продуктивност, па дури и генерираат списоци за отпуштање. Секогаш кога одлуката носи штета, менаџментот покажува со прст кон алгоритамот.

Проблемот не е во пресметковната моќ, туку во бегањето од вина. Кога човек менаџер ќе згреши, постојат законски механизми, трудова инспекција и судски спор. Кога алгоритам ќе отпушти работник поради грешка во базата на податоци, правната заштита станува проблематична.

Европската Унија се обидува да го спречи овој вакуум преку регулативата за вештачка интелигенција (AI Act), класифицирајќи ги софтверите за човечки ресурси како системи со висок ризик. Во реалноста, каде што дигитализацијата навлегува без силни синдикални механизми и со кревки инспекциски служби, работниците лесно можат да станат заложници на туѓ софтверски експеримент.

Софтверот пресметува веројатности врз база на минати податоци, без способност да разбере социјален контекст, болест, семеен товар или креативен потенцијал. Компанијата што препушта менаџерски одлуки на модел за машинско учење прави свесен избор да ја елиминира емпатијата од процесот.


Пораката од 1979 година не беше страв од технологијата, туку прецизна граница на здравиот разум. Вештачката интелигенција може да анализира извештаи, да оптимизира логистика и да открива обрасци. Човекот останува единствениот потписник под одлуката што влијае врз нечиј живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс