Највисокиот антикорупциски суд во Украина во понеделник нареди апсење на Андриј Јермак, близок сојузник на претседателот Володимир Зеленски и неговиот поранешен началник на кабинетот, по обвинение за перење пари. Судот, исто така, одреди кауција од 140 милиони гривни (околу 3,19 милиони долари) за да му овозможи на Јермак, кој ги негира обвиненијата, да биде ослободен до изрекувањето на пресудата.
„Немам толку многу пари, а мојот адвокат сега ќе работи со пријатели и познаници за да собере средства за кауција“, изјави Јермак за новинарите по одлуката на судот. „Мојот правен тим ќе поднесе жалба. Ќе ги искористиме сите законски средства за да постигнеме правда и вистина“, додаде тој.
Украинските власти го прогласија Јермак за осомничен во голема истрага за корупција пред три дена. Тој е најистакнатата личност од внатрешниот круг на претседателот што антикорупциските службеници успеаја да ја уапсат.
Јермак се сметаше за втора најмоќна личност во Украина
Украинските антикорупциски служби соопштија дека Јермак е осомничен за учество во криминална организација одговорна за перење пари од околу 10,5 милиони долари преку изградба на елитни станбени објекти во близина на главниот град Киев.
ермак се сметаше за втора најмоќна личност во Украина по Зеленски, кој имаше огромно влијание во украинската политика и покрај тоа што беше на позиција која не беше избрана од народот, туку назначена.
Аналитичарите: Ова би можело да му наштети на угледот на Зеленски
Поранешниот филмски продуцент и адвокат редовно се појавуваше покрај претседателот на јавни настани и беше главен преговарач на Киев во мировните преговори со Русија, посредувани од САД. Неговата оставка дојде минатата година, во услови на поширока реконструкција на владата, насочена кон враќање на довербата во кабинетот на претседателот, која беше нарушена од обвинувањата за централизација на власта, објави Ројтерс.
Обвиненијата против Јермак веројатно нема да претставуваат непосредна закана за Зеленски, но би можеле да предизвикаат долгорочна штета на неговиот углед ако повторно се кандидира за претседател по војната, велат некои аналитичари.