Товарен авион на американската карго-компанија УПС и патнички авион на панамската „Копа ерлајнс“ се судриле во текот на ноќта на меѓународниот аеродром во Мајами. Двајца луѓе се здобиле со полесни повреди и биле згрижени на самото место, соопшти противпожарната служба во Мајами.
Во инцидентот учествувале „боинг 767“ на УПС и „боинг 737“ на „Копа ерлајнс“. Судирот се случил околу 21:15 часот по локално време, на раскрсница на две рулни патеки. Според американската телевизија Еј-Би-Си њуз, крилото на авионот на „Копа ерлајнс“, кој се движел кон излезот за патници, удрило во носот на авионот на УПС, кој се подготвувал за полетување.
Директорот за комуникации на Меѓународниот аеродром во Мајами, Грег Чин, изјавил дека екипите на противпожарната служба прегледале две лица со полесни повреди, но немало потреба од нивно пренесување во болница. Авионите биле пренасочени на други рулни патеки, па инцидентот не влијаел врз редовното функционирање на аеродромот, пренесува Си-Би-Ес.
Летот 358 на УПС требало да полета од Мајами кон Богота, во Колумбија, додека авионот на „Копа ерлајнс“, на летот 427, пристигнал од Панама Сити. Според информациите на американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА), контролорите на летање претходно ѝ наложиле на екипажот на авионот на УПС да го пропушти леталото на панамската компанија.
ФАА отвори истрага за да ги утврди околностите под кои дошло до судирот. Од УПС соопштиле дека се запознаени со инцидентот и дека екипажот е безбеден. Компанијата соработува со надлежните органи во утврдувањето на причините за настанот.
