„Флора“ – роман за границата меѓу природата и технологијата, сега и на македонски јазик

Романот „Флора“ од чешкиот писател Јонаш Зборжил излезе од печат во превод на Соња Стојменска-Елзесер, во издание на „Антолог“. Книгата ги испреплетува родителството, љубовта, природата и технологијата во вознемирувачка, но истовремено нежна визија за иднината на човештвото.

Од печат излезе македонското издание на романот „Флора“ од чешкиот писател Јонаш Зборжил, во превод на Соња Стојменска-Елзесер и во издание на издавачката куќа „Антолог“. Во книгата се испреплетуваат родителството, љубовта, природата и технологијата, создавајќи вознемирувачка, но истовремено нежна визија за иднината на човештвото.

„Една ноќ, Адам и Сара пронаоѓаат необично суштество на периферијата на градот. Не личи ниту на животно ниту на растение, а неговото тело е чудна комбинација од жива материја, кабли и жици. Не знаејќи што точно пронашле, решаваат да го однесат во старата викендичка на бабата на Адам, сместена во Степата – запуштен дел од градот што полека го освојува природата. Му го даваат името Флора.“

Во романот, Зборжил создава необичен свет на границата меѓу цивилизацијата и дивината, живото и неживото, природното и вештачкото. Степата е простор на урбано распаѓање, напуштени објекти и заборавени места, во кои природата повторно ги воспоставува своите правила.

Токму ваквите простори, кои авторот ги поврзува со запуштените делови на Прага, се една од главните инспирации за романот.

„Флора“ е прозен дебитантски роман на Јонаш Зборжил (1988), кој претходно се афирмирал како поет и новинар. Неговата поетска збирка „Подоли“ (2013) била номинирана за наградата „Јиржи Ортен“ и за „Магнезија Литера“ во категоријата откритие на годината, а во 2020 година ја објавил и збирката „Нова дивина“.


Зборжил работел како водител на книжевни и културни емисии на чешкото Радио Вејв, а од 2022 година ја уредува културната рубрика на медиумот „Сезнам Зправи“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс