Судењето за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата продолжува денеска со изведување материјални докази од страна на Обвинителството.
Во судницата во „Идризово“, како што е најавено, фокусот треба да биде ставен на листинзите од телефонска комуникација. Со нивното презентирање, од доказите предложени од Обвинителството ќе останат уште градежното вештачење и произнесувањето на вештите лица.
Доказите се при крај, но одговорите ќе следат во завршниот збор
На претходното рочиште Обвинителството презентираше повеќе материјални докази, меѓу кои записници од претрес, потврди за привремено одземени предмети од МВР, дописи и известувања од СВР Штип, како и документи од Државниот пазарен инспекторат.
Беа презентирани и предмети поврзани со „Класик ДМ“ и „ММММ Кафе“, налози за инспекциски надзор и записници од извршени инспекциски контроли.
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова на минатото рочиште нагласи дека случајот не е едноставен кривично-правен настан, туку предмет со голем број докази што се однесуваат на околностите кои довеле до трагичниот исход.
Таа посочи дека доказите се однесуваат на тоа зошто последицата од настанот е 63 починати лица и тешки телесни повреди кај повеќе од 200 лица, меѓу кои голем дел млади луѓе и деца.
„Доколку беше дозволено согласно одредбите од Законот за кривична постапка, Обвинителството уште во оваа фаза ќе одговореше на многу прашања поставени од одбраната. Тоа ќе биде сторено во завршниот збор“, изјави Сарамандова.
По Обвинителството, докази ќе изведува и одбраната
По завршување на доказите на Обвинителството, свои материјални докази и сведоци треба да изведува и одбраната. Како што беше најавено, одбраната располага и со две вештачења.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.