Search

Студентски протести, здраво!

Студентски протести, Белград, 1968

Во Македонија е прилично тешко да пишувате колумни за актуелни теми. Има толку многу случувања за кои може да се пишува, но од друга страна додека ја напишете и објавите колумната вашата тема веќе не е толку актуелна, затоа што е покриена со некој нов настан, нова случка, афера итн. Нејсе,  ова е посветена на студентите затоа што тие се нашата иднина, нашите идни премиери, министри, директори на јавни функции, односно оние кои ќе ни ги кројат државните политики а со тоа и нашите судбини.

По подолго време во Македонија се случи студентски протест. Минатата недела македонските студенти излегоа на протест пред Министерството за образование за да го  искажат револтот за ненавремената исплата на студентските стипендии, задоцнетите исплати на ваучерите за превоз, доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблемите со субвенционираниот студентски оброк и непочитувањето на зададените рокови и координираноста  помеѓу одделенијата во Министерството. Мене тој протест и неговиот епилог многу ме потсети на еден скеч од сараевските Топ листа надреалиста . Ако сте помлади можеби и не знаете за кого станува збор,  но проверете на YouTube каде има многу нивни видеа вклучително и ова за кое јас зборувам.

Скечот оди вака. Студентите во Сараево се креваат на протести со нови  барања и како во секоја сериозна држава така и во тогашна Југославија веднаш се реагира и се повикуваат на состанок во парламентот. Помеѓу четирите претставници на студентите на состанокот е присутен и Ристо Подвожњак, учесник на студентските протести од 1968 година. Повозрасните читатели веројатно знаат што претставуваа тие протести во контекстот на тогашна Југославија. Токму Ристо Подвожњак прв зема збор и ги кажува барањата.

“Ние сакаме  либерализација на студенстките медиуми и намалување на технократијата врз слободната студентска мисла”. Веднаш реагираат останатите студенти со нивните барања, да се зголеми порцијата со месо , Екрем да се исфрли од кујната, и да се додадат уште 6 испитни рокови.  На Ристо не му се верува што слуша од неговите колеги и го напушта состанокот велејки: “Сакаме целосна реорганизација на Универзитетот, а вие другари студенти такво ниско ниво на инспирација не сум видел.“ Политичарите, преставници на парламентот се свртуваат кон останатите тројца студенти велејќи “секако дека ќе има повеќе месо во порцииите и знаете што, вие сте типови на луѓе кои ние ги бараме со години”  и ги врбуваат за да работат за нив. 

Драги македонски студенти, вашите протести завршија веднаш кога дознавте дека заостанатите стипендии ви се префрлени на вашите банкарски сметки на денот на протестот. Што бидна со останатите барања? Понудената средба со министерот ја одбивте без образложение. Ја прошуштивте шансата да зборувате за другите ваши барања со оној кој е најодговорен за нивно исполнување. 

Се прашувам,  зошто ниедно од вашите барања не беше за квалитетот на образованието и знаењето што го добивате, за материјалот од кој учите. За можноста за вработување после завршувањето на факултетот. Колку што мене ми е познато македонските универзитети  секоја година сè пониско се рангирани на листите на најдобри универзитети во светот. Ниту еден не е меѓу првите 1000 рангирани универзитети. За вашата можност за културно и општествено надградување исто така мукла. Нема барања.  Многу ниско ниво на инспирација драги студенти, многу ниско!

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни