Веќе девет години, Студентарија, младински медиум базиран на Instagram, секојдневно објавува информации за студентскиот живот во Северна Македонија: од рокови за аплицирање и стипендии, до јавен превоз, сместување и политики во високото образование. Но, покрај тоа што обезбедува информации, платформата со текот на времето станува и нешто друго: место каде студентите се чувствуваат доволно безбедно за да зборуваат за проблеми што не сакаат или не се осмелуваат да ги пријават на друго место.
Со години, пораките пристигнуваат една по друга.
Студент кој не ја добил државната стипендија што му била ветена. Друг кој опишува лебарки во студентскиот дом. Некој трет пријавува дека субвенционираниот студентски оброк му бил прекинат без објаснување. Студент кој е убеден дека бил неправедно третиран на испит, но се плаши јавно да зборува.
Повеќето од овие приказни никогаш не биле формално пријавени до надлежните институции. Наместо тоа, завршиле во Instagram-инбоксот на Студентарија. Како што илјадници пораки се собирале низ годините, едно прашање станало невозможно да се игнорира: што ако овие индивидуални приказни можат да станат доказ за системски проблеми?
Токму тоа прашање доведе до создавање на платформата Студентски глас – Digital Student Voice, онлајн платформа што им овозможува на студентите низ Северна Македонија анонимно да пријавуваат проблеми поврзани со високото образование и студентскиот живот.
Наместо да собира поплаки само заради самите поплаки, платформата има цел да препознава повторливи обрасци, да документира структурни предизвици и да ги претвора различните искуства во организирани докази што можат да придонесат кон јавна дебата и институционално постапување.
„Студентите ѝ веруваат на Студентарија, а тоа се гледа преку големиот број пораки што ги добиваме секој ден“, вели Гоше Николов, основач на Студентарија.
„Иако довербата е исклучително висока, забележавме и дека многу студенти се плашат јавно да зборуваат за проблемите со кои се соочуваат, бидејќи стравуваат од можни последици. Тоа особено стана јасно кога студентски дом во Охрид остана без електрична енергија повеќе од 30 часа. Студентите нè информираа за ситуацијата, но се плашеа да не бидат идентификувани и да се соочат со одмазда од управата на домот, вклучително и со можност да го изгубат сместувањето.“
Стравот од јавно зборување не е карактеристичен само за една институција. За многу студенти, јавното критикување на универзитетски кадар, управи на студентски домови или државни институции може да изгледа ризично, особено во релативно мала академска заедница каде што анонимноста тешко се зачувува.
Digital Student Voice е создаден токму со оваа замисла.
Преку безбеден онлајн формулар, студентите можат анонимно да пријават проблеми, од доцнење на стипендии и финансиска помош, до влошени услови за живеење во студентските домови, прекршување на студентски права, проблеми со превоз, дискриминација или административни пречки во текот на студирањето.
Платформата настојува да создаде структурирана база на студентски искуства, преку која повторливите проблеми ќе можат да се идентификуваат, категоризираат и следат низ времето. На тој начин, изолираните случаи стануваат мерливи трендови, а не само индивидуални анегдоти.
„Тимот на Студентарија внимателно ја разгледува секоја пријава, ги анализира извештаите и ги идентификува најчесто пријавуваните проблеми, за да можеме да ги забележиме повторливите обрасци“, вели Александар Николовски, член на тимот на Студентарија.
„Нашата цел е овие наоди да ги организираме и јавно да ги претставиме пред релевантните институции. Преку јавна комуникација, известување засновано на докази и формална кореспонденција со носителите на одлуки, сакаме да го истакнеме она што студентите постојано го доживуваат и да ги охрабриме институциите да реагираат. Веруваме дека транспарентноста и јавната одговорност можат да станат важни двигатели на позитивни промени.“
Првите резултати покажуваат дека студентите чекале токму ваква платформа.
Во првиот месец, Digital Student Voice доби околу 100 пријави. До третиот месец, бројката речиси се утрои, со приближно 300 студенти кои поднеле пријави.
За земја со околу 53.000 универзитетски студенти, оваа бројка е значајна. Уште поважно, пријавите откриваат впечатливи сличности, без разлика каде студираат студентите.
„Врз основа на пријавите што досега ги добивме, веќе идентификуваме јасни обрасци“, вели Ана Шоповска, членка на тимот на Студентарија.
„На пример, студентите постојано пријавуваат доцнења во исплатата на државните стипендии, како и неоправдани прекини на субвенционираниот студентски оброк – владина мерка што им обезбедува финансиска поддршка на студентите за еден оброк дневно. Исто така, континуирано добиваме пријави за исклучително лоши услови за живеење во студентските домови, вклучувајќи глодари и инсекти, долги периоди без топла вода, па дури и прекини на електрична енергија. Кога истите проблеми постојано се појавуваат во различни пријави, станува јасно дека не станува збор за изолирани случаи, туку за системски предизвици што заслужуваат институционално внимание.“
За Студентарија, идентификувањето на овие повторливи теми е само почеток.
Тимот редовно ги анализира пристигнатите пријави, ги групира по категории и објавува прегледи на најчесто пријавуваните проблеми. Дополнително, јавни анкети ги повикуваат студентите да рангираат кои прашања ги сметаат за најитни, со што се создава уште едно ниво на вклученост на заедницата.
Овие наоди потоа се споделуваат со релевантните јавни институции преку официјална кореспонденција, медиумско покривање и јавни комуникациски кампањи, насочени кон поттикнување конкретни реакции.
Овој пристап претставува поместување од реактивно известување кон граѓанско учество засновано на докази.
Наместо да се фокусира само на индивидуални приказни, Digital Student Voice се обидува да покаже кога повеќе пријави укажуваат на системски проблем што бара институционално внимание.
Во таа смисла, платформата не служи само како механизам за пријавување, туку и како извор на податоци од терен за секојдневната реалност на високото образование во Северна Македонија.
Иницијативата одразува и поширок тренд во граѓанската технологија: користење дигитални алатки за намалување на бариерите за учество кај групи што инаку би останале нечуени.
За студентите кои се плашат од одмазда, анонимноста го намалува прагот за проговорување. За новинарите и граѓанските организации, агрегирани пријави обезбедуваат посилни докази од изолирани сведоштва. За институциите, повторливите обрасци можат да понудат вреден увид во проблеми што инаку би останале невидливи.
Студентарија нагласува дека Digital Student Voice не е замена за официјалните постапки за пријавување.
Наместо тоа, платформата ги надополнува така што документира што студентите колективно доживуваат, ги идентификува проблемите што постојано се повторуваат и се грижи овие проблеми да не се изгубат меѓу илјадниците приватни пораки.
Како што платформата продолжува да расте, тимот се надева дека таа ќе стане долгорочен механизам за следење на студентскиот живот, за зајакнување на дијалогот меѓу студентите и институциите и за поттикнување политики засновани на докази.
По години примање индивидуални пораки во Instagram-инбокс, Студентарија сега гради нешто потрајно – нешто што би можело навистина да доведе до структурни промени во животот на студентите во Северна Македонија.
Извор: Global Voices