Жителите од делови на општина Центар утре ќе останат без вода поради планирани водоводни интервенции на мрежата, информираат од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“. Прекинот на водоснабдувањето ќе започне во 8:30 часот и ќе трае сѐ до завршување на работните активности на терен, а засегнати се корисниците од населбата Маџир Маало и потег од улицата „Орце Николов“.
Поради санација на уличен дефект на улицата „Раде Јовчевски – Корчагин“ бр. 18, без вода ќе останат корисниците од целата населба Маџир Маало. Екипите на јавното претпријатие ќе бидат на терен од ранските утрински часови за брзо отстранување на дефектот.
Во исто време, поради изведба на нов водоводен приклучок на улицата „Орце Николов“ бр. 106, прекин во водоснабдувањето ќе имаат и корисниците на потегот од улицата „Ленинова“ до улицата „Наум Наумовски – Борче“. Од јавното претпријатие апелираат граѓаните од овие реони навреме да обезбедат потребни залихи на вода за пиење и техничка употреба.