Приказната за „Силјан Штркот“, една од најпознатите македонски народни бајки, доби нова посебна илустрирана сликовница.
Сликовницата е дел од антологиската едиција „Бајки од Македонија“ и е во издание на „Арс Ламина – публикации“, во соработка со Здружението за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“.
Илустрациите се на Катерина Николовска, која му дава нов визуелен живот на ликот и светот на Силјан.
Од „Бајки од Македонија за цела година“ до самостојно издание
„Силјан Штркот“ претходно беше објавен како дел од изданието „Бајки од Македонија за цела година“, а сега добива самостојна форма, прилагодена за најмладите читатели.
Изданијата од едицијата „Бајки од Македонија“ се особено популарни кај младата читателска публика, а од новата учебна година изборот бајки од Македонија влегува и во наставната програма за основно образование, како дел од редовните лектири за четврто одделение.
Проектот повеќе од една деценија се реализира во чест на креативецот Иво Лауренчиќ, преку Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине!“, во партнерство со „Арс Ламина“.
„Македонското наследство да продолжи да живее“
Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“, вели дека да се биде дел од проект како „Бајки од Македонија“ е вистинска привилегија и голема радост.
„Кога започнавме со овој проект сакавме да ја поттикнеме креативноста кај младите и да помогнеме во создавање на дело со трајни вредности. Денес, кога ќе погледнам ретроспективно, со гордост можам да кажам дека резултатите ги надминаа сите наши очекувања“, истакна Пеева Лауренчиќ.
Таа додава дека нивната заложба е македонското книжевно и културно наследство да продолжи да живее и да биде достапно за новите генерации.
„Особено нè радува што ‘Силјан Штркот’ добива нова форма, прилагодена на најмладите читатели“, нагласи Пеева Лауренчиќ.
Досега издадени 80 бајки и четири басни
Во рамки на досегашната соработка меѓу „Браво сине!“ и „Арс Ламина“ се издадени 80 бајки и четири басни од Македонија.
На јавните конкурси за создавање на овие дела се пријавиле над 100 илустратори и повеќе од 300 автори, кои доставиле над 440 текстови.
Дел од изданијата на бајките и басните од Македонија се преведени на седум светски јазици, како и на Брајова азбука, а добитници се и на бројни домашни и меѓународни награди и признанија.
Приказна со која треба да расте секое дете
„Силјан Штркот“ се смета за едно од врвните остварувања на македонската народна проза. Во него се испреплетуваат реалното и фантастичното, а приказната отвора теми за растењето, одговорноста, семејството, непослушноста и последиците од сопствените избори.
Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс Ламина“, посочи дека „Силјан Штркот“ е една од оние приказни со кои треба да расте секое дете.
„Со објавувањето на оваа сликовница ја продолжуваме нашата долгогодишна мисија книжевното наследство да го доближиме до новите генерации читатели, на јазик и во форма што ќе им бидат блиски, без да се изгуби вредноста на оригиналното дело“, истакна Бугариска.
Таа додава дека особено ги радува што „Силјан Штркот“ сега „одлетува“ од големата книга „Бајки од Македонија за цела година“ и добива свое самостојно издание.
Нов живот за дело од Марко Цепенков
Во „Силјан Штркот“ јасно се препознава и големината на Марко Цепенков како раскажувач.
Делото ги спојува народниот јазик, фантастиката, хуморот, поуката и психолошката нијансираност во единствена целина, поради што останува едно од најзначајните дела во македонското народно творештво.
Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине!“ го носи името на Иво Лауренчиќ, еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија, кој во текот на целиот свој работен век ги поддржуваше младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.