Претставниците на изборните листи денеска, 13 ноември, напладне ќе одржат консултации пред конститутивната седница на новиот состав на Собранието на Србија, закажана за вторник, 17 ноември. Српскиот парламент има 250 пратенички места, од кои 140 ќе ѝ припаднат на Студентската листа, која победи на предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври.
Листата „Обединета Србија“, предводена од Српската напредна партија (СНС), освои 103 мандати. Сојузот на војводинските Унгарци и Албанската коалиција освоија по два мандата. По еден мандат добија листата „Човечки“ на Расим Љајиќ, листата на Партијата за правда и помирување и листата на Партијата за демократска акција на Санџак.
Од агенцијата Бета синоќа соопштиле дека на консултациите ќе присуствуваат делегации на Студентската листа, Сојузот на војводинските Унгарци и Албанската коалиција. Присуството претходно го најавил и носителот на листата „Обединета Србија“, Александар Вучиќ.
„Делегацијата ќе настапи во согласност со договорот што го постигнавме во рамките на Студентската листа и Студентското движење“, изјавил Илија Срдановиќ, прв на изборната листа „Студентска листа – Студентите победуваат“.
Студентите: Нема да има политички договори зад затворени врати
Претставниците на Студентската листа „Студентите победуваат“, Марио Рељановиќ и Александар Чупиќ, ќе учествуваат на консултативната средба со претставниците на другите листи што ќе бидат дел од новиот состав на српскиот парламент, соопштија студентите.
Тие нагласија дека нивното учество ќе биде ограничено на технички и организациски прашања неопходни за ефикасно одржување на конститутивната седница.
Тоа, како што објаснија, подразбира договор за распоредот на седење на пратеничките групи, утврдување на дневниот ред и прашањето кој ќе претседава со седницата, вклучително и изборот на најстариот пратеник што привремено ќе ја води.
„Свесни сме за политичкиот контекст и за идентитетот на луѓето со кои ќе разговараме. Затоа однапред порачуваме: консултациите за техничките прашања нема да станат простор за политички договори и преговори зад затворени врати“, нагласија студентите.
„Граѓаните имаат право да знаат што правиме во нивно име“
Студентските претставници најавија дека ќе се придржуваат до јасно утврдената рамка на разговорите и дека јавноста навреме ќе биде информирана за договореното и за текот на самата средба.
Според нив, новиот состав на Народното собрание мора да започне со работа согласно процедурите, со јасна порака дека политичките одлуки треба да се носат одговорно и пред очите на јавноста.
„Довербата што ја добивме на изборите значи дека граѓаните имаат право да знаат што правиме во нивно име“, наведуваат студентите.
Присуството на консултациите за агенцијата Бета го потврдиле и претседателот на Сојузот на војводинските Унгарци, Балинт Пастор, како и претставникот на Албанската коалиција, Шаип Камбери, кој е претседател на Партијата за демократско дејствување.
„Добивме покана, а ќе учествува нашиот претставник Рахим Салихи“, изјавил Камбери. Пастор кратко потврдил дека Сојузот на војводинските Унгарци ќе испрати свој претставник.
Конститутивната седница на Собранието на Србија е закажана за вторник, 17 ноември, во 10 часот. На седницата треба да бидат потврдени мандатите на пратениците, а потоа да се изберат претседателот и потпретседателите на парламентот, генералниот секретар, како и членовите на собраниските одбори и делегации.
