Студенти силувале колешка на универзитет во САД, казнети со пишување есеј

По две години молк, обвинителството во Њујорк покренува истрага откако поранешна студентка поднесе тужба против седуммина насилници.

Обвинителите во округот Томпкинс во државата Њујорк повторно отвораат истрага за групно силување на американскиот универзитет Корнел, откако поранешна студентка поднесе граѓанска тужба против седуммина членови на братството „Чи Фај“. Случајот од 2024 година, наместо со кривичен прогон, заврши со интерна универзитетска мерка во која осомничените студенти добија задача да напишат есеј за сексуално насилство и согласност.

Случајот што со години остана затворен зад ѕидовите на престижниот кампус сега оди пред голема порота. Поранешната студентка овој месец поднесе тужба пред граѓански суд, наведувајќи дека во 2024 година била дрогирана, физички нападната и групно силувана во просториите на студентското братство.

Окружниот обвинител Метју Ван Хаутен потврди за американските медиуми дека неговата канцеларија повторно ги разгледува списите. Тој најави дека случајот ќе биде презентиран пред поротата со соработка на жртвата, за да се утврди дали постојат елементи за кривично гонење.

Во 2024 година ниеден од седуммината студенти не се соочи со судска постапка. Обвинителот Ван Хаутен тврди дека тогашната одлука се темелела на првичниот исказ на жртвата, во кој наводно немало експлицитно тврдење за присилно опивање или сексуален напад без согласност.

Адвокатот на жртвата, Томас Џуфра, остро се спротивстави на ваквото објаснување. Одбраната наведе дека со студентката тогаш воопшто не разговарал специјализиран истражител за сексуални деликти, туку полицијата направила површен запис додека девојката била во состојба на тешка траума.

Додека правниот систем мируваше, администрацијата на Корнел отвори сопствена дисциплинска постапка. Универзитетот изрече суспензија за огранокот на братството и за инволвираните студенти, но како главен дисциплински услов за нивно враќање одреди изработка на писмен есеј.

Ваквата институционална реакција сега претставува клучен сегмент во тужбата. Во поднесокот се наведува дека универзитетските власти свесно го минимизирале насилството за да го заштитат сопствениот углед, овозможувајќи им на насилниците да се извлечат со бирократска мерка наместо со кривична одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс