Студентите организирани преку Студенти.мк упатија остро отворено писмо до министерката за образование и наука Весна Јаневска, обвинувајќи ја дека со актуелните политики ги демотивира младите и ги турка кон иселување. Во писмото, напишано во директен и емотивен тон, тие порачуваат дека институциите не ги слушаат нивните барања и дека образовниот систем наместо поддршка им испраќа порака дека трудот и знаењето не се вреднуваат.
Студентите тврдат дека Министерството за образование и наука не одговорило на нивните претходни дописи и иницијативи за средба. Посебно реагираат на кратењето на стипендиите за висок успех, што го оценуваат како удар врз најуспешните студенти и врз квалитетното високо образование.
Во писмото се отвора и случајот со Филозофскиот факултет при УКИМ, каде студентите тврдат дека инспекцискиот надзор бил спроведен на штета на студентските права. Овој случај претходно беше во фокусот на јавноста, откако Државниот просветен инспекторат утврдил нерегуларности при упис на студенти на втор и трет циклус студии, а министерката Јаневска најавуваше дека по извештајот ќе се одлучува за понатамошни постапки.
Студентите бараат одговор дали инспекторите вклучени во постапките биле наградени со унапредувања, оценувајќи дека таквиот однос претставува „институционално насилство врз младите“. Во писмото се споменуваат и протестите пред Филозофскиот факултет, проблемите со студентскиот оброк, доцнењето на стипендиите и пошироката состојба во високото образование.
Во обраќањето се наведуваат и обвинувања за двојни стандарди во образовниот систем, нееднаков третман кон студентите и кадрите, како и проблеми со признавањето и вреднувањето на дипломите. Студентите предупредуваат дека ваквите политики ја засилуваат недовербата кај младите и ја прават странство сè пореална опција.
Во завршницата, тие порачуваат дека многу млади веќе ја гледаат својата иднина надвор од Македонија, таму каде што, како што велат, нивното знаење и труд ќе бидат повеќе ценети. Освен до Јаневска, студентите упатуваат прашање и до премиерот Христијан Мицкоски: дали со вакви политики може да се очекува младите да останат или да се вратат во земјата.