Платформата „Студентарија“ достави официјално барање до Министерството за образование и наука (МОН) за дополнување на Конкурсот за студентски стипендии за академската 2026/2027 година, со цел средствата од недоделените стипендии да се прераспределат кон студентите кои ги исполнуваат условите, но поради ограничените квоти останале без стипендија.
Барањето следува по значителните промени во распределбата на вкупно 3.000 стипендии. Со новиот конкурс, бројот на стипендии за студентите од социјалните категории е намален за 270 (на вкупно 1.200), а за студентите со висок успех за 650 (на 750). Истовремено, квотата за студиските програми од стратешко значење е зголемена повеќе од осум пати, на 1.050 стипендии.
„Иако ја поддржуваме определбата за стимулирање на студирањето во области од стратешко значење, официјалните податоци укажуваат на сериозен ризик предвидените квоти да останат непополнети. Во седумте дефицитарни струки, во првиот уписен рок се запишале само 247 студенти, односно 15,1% од предвидените места“ велат од „Студентарија“.
Тие додаваат дека имајќи предвид оти за овие стипендии можат да конкурираат и студенти од повисоките години, направиле пресметка според најповолното можно сценарио за пополнување на квотите.
„Дури и под претпоставка дека во секоја од четирите генерации има по 247 студенти, дека ниту еден не ги прекинал студиите и дека сите ги исполнуваат условите, вкупниот број потенцијални кандидати би изнесувал 988, што е помалку од предвидените 1.050 стипендии. Притоа, реалниот број кандидати дополнително се ограничува со условите за просечен успех од најмалку 8,00 и најмалку 80% положени испити, како и со фактот дека дел од студентите веќе користат стипендии од претходните години“ велат од „Студентарија“.
Според нив, ова укажува дека значителен дел од предвидените стипендии би можеле да останат недоделени. Доколку останат непополнети меѓу 500 и 700 стипендии, неискористени би останале од 81 до 113,4 милиони денари, со кои би можеле да се обезбедат дополнителни 1.487 до 2.082 стипендии за студентите од социјалните категории и оние со висок успех. Имено, годишниот износ на една стипендија за стратешките струки изнесува 162.000 денари, наспроти 54.450 денари за останатите две категории.
„Со доставеното барање предлагаме воведување механизам со кој средствата од недоделените стипендии автоматски ќе се прераспределуваат во преостанатите групи, согласно утврдените ранг-листи. Доколку во двете групи има кандидати кои ги исполнуваат условите, но останале без стипендија, средствата би се распределувале подеднакво, со можност неискористениот остаток од едната група да се пренасочи кон другата“ потенцираат од „Студентарија“.
Дополнително, тие бараат и предложениот механизам да биде воведен и јавно објавен пред објавувањето на прелиминарните ранг-листи, со цел да се обезбеди транспарентност и навремено информирање на студентите. Одлуката за прераспределба да се донесе во рок од 15 дена од објавувањето на прелиминарните ранг-листи, а МОН јавно да ги објави и податоците за бројот на запишани студенти, како основа за пореално планирање на квотите во идните конкурси.
„Нагласуваме дека предложената интервенција не бара ниту еден дополнителен денар од државниот буџет, туку овозможува поефикасно искористување на веќе обезбедените средства. Целта не е да се намали поддршката за стратешките студиски програми, туку средствата што нема да бидат искористени во таа категорија да стигнат до други студенти кои ги исполнуваат условите. Очекуваме МОН навремено да го разгледа барањето и да овозможи средствата наменети за студентскиот стандард да бидат искористени во најголема можна мера, наместо да останат неискористени поради несоодветно планирани квоти“ велат од „Студентарија“.
