Следната недела, дебитантскиот македонски долгометражен игран филм „Сладоста на горчливите нешта“ (The Sweetness of Bitter Things), во режија на Андреј Волкашин и продукција на Елена Станишева – Веда Филм, ќе ја има својата светска премиера на Tallinn Black Nights Film Festival (PÖFF), во рамките на официјалната натпреварувачка програма First Feature Competition.
Премиерата е закажана за 17 ноември, во 18:30 часот, во киното Apollo Kino Plaza, сала 2, во Талин.
По проекцијата ќе се одржи разговор со публиката (Q&A), на кој ќе присуствуваат режисерот Андреј Волкашин, продуцентката Елена Станишева и актерите Зорица Нушева, Лео Поповиќ и Јана Никодиновска.
Покрај светската премиера, филмот ќе има уште две фестивалски проекции на 18 ноември:
- 17:00 часот – Electric Cinema, Church Hall, Тарту.
- 18:15 часот – Apollo Kino Plaza, сала 9, Талин.
Годинашното издание на Tallinn Black Nights Film Festival е особено значајно, бидејќи фестивалот одбележува 30 години постоење. Во текот на три децении, PÖFF се афирмираше како една од најзначајните меѓународни филмски манифестации, која секоја година привлекува бројна публика, филмски автори, продуценти, дистрибутери и други професионалци од филмската индустрија од целиот свет.
Фестивалот е еден од 17-те филмски фестивали во светот кои се наоѓаат на А-листата на Меѓународната федерација на филмски продуценти (FIAPF), заедно со фестивалите во Кан, Берлин и Венеција.
„Сладоста на горчливите нешта“ е македонско-бугарско-хрватска копродукција, поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Бугарскиот национален филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар и паневропскиот филмски фонд Еуримаж. Развојот на филмот беше поддржан и награден во рамките на TorinoFilmLab, Италија.
Филмот е сниман на локации во југоисточниот дел на Северна Македонија, во селото Петрово, во близина на Гевгелија, и во Демир Капија. Природниот пејзаж и специфичниот амбиент на овој регион имаат важна улога во визуелниот израз и атмосферата на филмот.
Сценариото и режијата се на Андреј Волкашин, директор на фотографија е Кирил Проданов, монтажер е Невелин Вулчев, сценографијата е на Бојана Бучварова и Влатко Чачоровски, костимограф е Илина Чолак, маска и шминка се на Симона Ристевска, кастинг директорка е Кириана А. Николовска, дизајнер на звукот е на Марко Наумовски, а продуцентка е Елена Станишева.
Во филмот играат Зорица Нушева, Лео Поповиќ, Јана Никодиновска, Ана Костова, Гораст Цветковски и Александра Петковска.
Светската премиера во Талин претставува уште еден значаен чекор за македонската кинематографија, отворајќи можности за меѓународна видливост и пласман на филмот, како и за негово претставување пред широка меѓународна публика и филмската професионална заедница.
