Милијарди форинти закопани в шума: Пронајдена скриената готовина на поранешниот министер Шештак

Над пет милијарди форинти, 2,6 милиони евра и 1,2 милиони долари се префрлени во унгарската државна каса по координирана акција на повеќе локации.

Унгарската Канцеларија за враќање и заштита на имотот (NVVH) пронајде и заплени повеќе од шест милијарди форинти во готовина во рамки на кривичната постапка против поранешниот министер за национален развој и актуелен пратеник, Миклош Шештак. Дводневната акција спроведена на 12 и 13 ноември 2026 година опфати претреси во Будимпешта и во три унгарски окрузи, каде истражителите открија пари закопани в шума и сокриени во земјоделски објекти и сефови.

Истражителите на Канцеларијата за враќање и заштита на имотот извршија координирани претреси во главниот град Будимпешта, како и во окрузите Пешта, Бекеш и Ноград. За време на теренската работа, тимовите пронајдоа големи количини готовина закопана под земја во шумски предели. Дел од средствата биле сокриени во земјоделски и магацински простории, во станбени објекти, како и во сеф со висока вредност поставен на скриено место.

Операцијата се реализираше со логистичка и техничка поддршка од Одделот за криминалистичка техника при Националното биро за истраги и Единицата за брзи интервенции при унгарската полиција. Во постапката директно учествуваа и службеници од Националната даночна и царинска управа.

Според официјалните податоци од истрагата, вкупниот износ на пронајдената готовина е поделен во три валути. Истражителите запленија точно 5.071.632.000 унгарски форинти, 2.658.350 евра и 1.257.100 американски долари.

Сите запленети парични средства се веќе уплатени на сметката на Унгарскиот државен трезор, потврдија од NVVH во официјалното соопштение објавено на 13 ноември 2026 година.

Информацијата за заплената ја сподели унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој на социјалните мрежи го објави интегралниот текст од соопштението на надлежната институција. Маѓар во својата објава го поврза случајот со владејачката коалиција ФИДЕС-КДНП од времето на поранешниот премиер Виктор Орбан, во чија влада Миклош Шештак ја извршуваше министерската функција.


Миклош Шештак беше на чело на унгарското Министерство за национален развој во периодот од 2014 до 2018 година, а во моментов е пратеник во унгарскиот парламент од редовите на Христијанско-демократската народна партија (КДНП) и се наоѓа во притвор од крајот на септември 2026 година. Истражните органи го сомничат за примање поткуп во повеќемилијарден износ поврзан со јавни набавки за државниот автобуски превозник „Воланбус“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс