Струга оваа есен ќе биде домаќин на еден од најголемите научни собири на еколозите во регионот.
Од 15 до 18 октомври ќе се одржи седмиот Конгрес на еколозите на Македонија, со меѓународно учество, во организација на Македонското еколошко друштво. Во фокусот на Конгресот ќе бидат еколошките истражувања, новите научни сознанија и предизвиците со кои се соочуваат природата, животната средина и научната заедница.
Сите заинтересирани истражувачи кои сакаат да ја претстават својата работа можат да пријават усни и постер презентации најдоцна до 31 јули. Пријавените презентации треба да бидат во една од седумте секции на Конгресот: загадување на воздухот, водата и почвата; хидробиологија, управување и мониторинг на води; биолошка разновидност и нејзина заштита; шумарство и земјоделство; управување со природни ресурси; промени во животната средина; и еколошка едукација.
Конгресот има долга традиција. Првиот ваков собир бил организиран во 1998 година во Охрид, а оттогаш досега дел од него биле најмалку 1200 учесници и предавачи од над 15 европски земји. На конгресите биле презентирани околу 1050 трудови, дел од нив објавени во книги на пленарни реферати и зборници на трудови.
Покрај главната научна програма, Конгресот ќе вклучи и студентски симпозиум, како можност за младите истражувачи да ја претстават својата работа, да добијат стручна повратна информација и да се поврзат со поискусни научници од областа на екологијата.
Со овој настан, Македонското еколошко друштво продолжува да ја остварува својата цел: да го поддржува развојот на екологијата како наука и да создава простор каде македонските еколози ќе можат да ја презентираат својата работа пред домашна и меѓународна публика.