Невролошката состојба на родилката од Струмица не е последица на спиналната анестезија при породувањето, ниту на лекарска грешка во установите каде што била лекувана, едногласно заклучила стручната комисија формирана од Министерството за здравство. Точната причина за нејзината состојба сè уште не е дефинитивно утврдена.
Според наодите што ги соопшти Министерството, следењето на бременоста, упатувањето во Клиничката болница во Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и постоперативното следење биле спроведени според важечките протоколи и добрата клиничка практика. Комисијата навела дека анестезијата била дадена во долниот дел на ’рбетот, додека промената во ’рбетниот мозок е утврдена значително повисоко, во градниот дел. Невролошките симптоми се појавиле неколку дена по отпуштањето на пациентката, се наведува во соопштението.
Како најверојатна причина комисијата посочува спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови во ’рбетниот мозок, но нагласува дека причината допрва треба конечно да се утврди. Препорачано е да се доврши дијагностиката кога состојбата на пациентката ќе го дозволи тоа, како и да продолжат рехабилитацијата и редовното невролошко следење.
Случајот предизвика реакции во јавноста откако младата мајка по породувањето остана неподвижна, а нејзиното семејство изрази сомнеж дека имало пропуст во лекувањето. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека заклучокот на комисијата не ја намалува тежината на последиците со кои таа се соочува и најави продолжување на поддршката за нејзиното лекување и рехабилитација.