Во ерата на Spotify, Netflix и останатите стриминг-сервиси, кога милиони песни и филмови се достапни веднаш преку телефон или телевизор, дел од публиката прави нешто што пред една деценија изгледаше речиси незамисливо: повторно купува ЦД-а, ДВД-а, винил-плочи, па дури и аудиокасети.
На прв поглед, станува збор за носталгија. Но причините се многу посложени. Некои сакаат повторно да ја почувствуваат физичката врска со музиката, други не сакаат нивните омилени филмови и серии да зависат од одлуките на стриминг-платформите, а трети сè повеќе се прашуваат што всушност значи „да поседуваш“ нешто во дигиталниот свет.
„Ми недостигаше физичката врска со музиката“
Еш, 52-годишен универзитетски предавач од Корнвол во Англија, на почетокот со ентузијазам го прифатил стримингот. Но, со текот на времето, сфатил дека начинот на кој ја слуша музиката целосно се променил.
Според него, алгоритмите можат да понудат одлични препораки, но токму тоа ја намалува потребата човек самиот да бара нова музика – преку музички списанија, препораки од други уметници или едноставно случајно откривање на нешто непознато. Тој вели дека алгоритамските препораки личат на лесен улов, додека самостојното откривање музика бара повеќе труд, но може да донесе и поголемо изненадување.
Еш неодамна повторно почнал да купува и слуша музика на физички носачи. Од 1990 до 2009 година собрал повеќе од 5.000 плочи и ЦД-а, но подоцна престанал да ги купува и целосно се префрлил на стриминг.
„Повеќе време поминував правејќи плејлисти отколку слушајќи музика“, вели тој. Со стримингот, додава, ја изгубил и навиката да го слуша целиот албум, а му недостигала физичката врска со музиката.
Сега повторно пребарува по бувљаците и продавниците за половна стока. Слушањето плоча за него повторно станало посебна активност, додека музиката преку технологијата почнала да му звучи повеќе како „тапета во позадина“ отколку како уметничко дело.
Кога филмот што го гледате едноставно исчезнува
За други луѓе проблемот не е во начинот на слушање, туку во самата идеја дека содржината што ја гледаат преку стриминг-сервисот не е навистина нивна.
Си-Џеј, 55-годишна менаџерка од Атланта, почнала повторно да купува физички изданија откако омилените емисии почнале да исчезнуваат од стриминг-платформите. Еден пример особено ѝ останал во сеќавање: во 2022 година HBO отстрани околу 200 епизоди од „Улицата Сезам“. За неа тоа било потсетување дека содржината што денес е достапна утре може едноставно да ја нема.
Затоа почнала повторно да бара ДВД-а, филмови и серии по продавници за половна стока и бувљачки. Дел од содржините што сака да ги гледа повеќе не се достапни на стриминг-платформите. Во тоа гледа едноставна логика: ако нешто физички го имате кај себе, многу потешко е некоја компанија еднострано да ви го отстрани пристапот.
„Алгоритмот не е покреативен од човечкиот мозок“
Рут, 67-годишна пензионирана професорка од Мичиген, се вратила на ЦД-а и ДВД-а и поради друга причина. Таа сакала да ја поседува музиката што ја слуша и истовремено директно да ги поддржи музичарите. Денес има околу 5.300 ЦД-а, а својата колекција ја чува во посебен простор.
За неа, поседувањето книги, музика и фотографии отсекогаш било нешто нормално, а денес повторно го гледа и како разумен избор. Вели дека алгоритмите можат да препорачуваат содржини, но не се покреативни од човекот кој самостојно открива нешто ново. Нејзината одлука има и практична причина. Таа и сопругот се пензионирале во рурална средина каде интернет-врската е нестабилна, па стримингот на филмови често значи прекини и баферирање. Музиката можат да ја слушаат онлајн, но и таму повремено им прекинува врската.
Физичкиот диск, во таква ситуација, има една предност која алгоритмот не може да ја замени: едноставно работи без интернет.
„Сега не морам да ги давам моите податоци“
За дел од луѓето, враќањето на ЦД-а е и прашање на приватност. Антонио, 40-годишен софтверски инженер од Рединг во Англија, летово почнал да купува половни ЦД-а во продавница за добротворни цели, откако решил да престане да се потпира на музички претплати.
Денес двапати месечно купува од едно до десет ЦД-а, во зависност од тоа што ќе најде. Не сакал повеќе да зависи од претплати и нивните можни поскапувања, но подеднакво му било важно и тоа што не мора на компанија да ѝ го остава целиот дигитален отпечаток од своето слушање.
Кога користиме стриминг-сервиси, компаниите можат да собираат различни информации за корисниците – од податоци за сметката и локацијата до историјата на слушање и навиките. За Антонио, купувањето ЦД е мал начин да го намали обемот на информации што ги споделува. „Понекогаш сум надвор од тековите“, вели тој, но додава дека токму тоа понекогаш му одговара.
Некои музичари исто така се дистанцираат од стримингот
Дел од незадоволството не доаѓа само од слушателите. Во последните години и музичари почнаа да ги преиспитуваат односите со големите стриминг-платформи. Spotify, на пример, се соочи со критики поради своите деловни одлуки, односот кон музичарите и сè поголемото присуство на подкасти и содржини генерирани или поддржани со вештачка интелигенција.
Некои артисти, меѓу кои Massive Attack, Deerhoof, King Gizzard & The Lizard Wizard и Xiu Xiu, ги повлекоа своите каталози од платформата во знак на протест против дел од нејзините деловни и технолошки политики.
Тоа покажува дека прашањето околу стримингот одамна не е само „плоча или Spotify“. Станува збор за поширока дебата околу тоа кој ја контролира музиката, како се плаќаат артистите, кој ги поседува податоците и колку влијание имаат платформите врз тоа што ќе слушаме.
„Сакам јас да избирам, а не некој да ми сервира“
Квин, 26-годишен работник во достава на храна од Вашингтон, минатата година почнал да собира аудиокасети и, како што вели, брзо се вљубил во форматот. Бидејќи работи ноќе и за време на викендите, нема многу можности да оди на концерти. Купувањето касети директно од бендовите му овозможува да се поврзе со нив и да ги поддржи, дури и кога не може да биде на нивните настапи.
Но, кај него не станува збор само за поддршка на музичарите. Тој ужива и во ограничувањата на самиот формат – да ја стави касетата, да го користи уредот за репродукција и физички да ја сподели музиката со друг човек. Наместо да испрати линк до Spotify, може некому да му даде касета. И токму тука можеби се крие најинтересниот дел од враќањето кон старите формати.
Зошто физичката музика повторно има смисла?
Плочата, ЦД-то, ДВД-то или касетата не се нужно подобри технологии од стримингот. Тие се неспоредливо понезгодни: заземаат простор, може да се оштетат и бараат физички уред за репродукција. Но, токму тие ограничувања за дел од луѓето стануваат нивна предност.
Физичкиот формат создава ритуал. Сами го избирате албумот, го земате дискот или плочата, ја ставате во уредот и ја слушате. Нема бесконечно лизгање, автоматско пуштање на следната песна и десетици алгоритамски предлози што се појавуваат пред да завршите со она што сте го избрале. Нема ниту гаранција дека содржината ќе остане достапна на некоја платформа.
И можеби токму затоа враќањето кон ЦД-а, ДВД-а и плочи не е само враќање во минатото. Тоа е реакција на дигиталниот свет во кој речиси сè е достапно, но сè помалку нешта навистина ги поседуваме.
Стримингот ни даде огромен избор. Физичките формати, пак, ни даваат нешто што алгоритмите тешко можат да го понудат: чувство дека изборот повторно е наш.