Кој ќе ја скроти вештачката интелигенција, САД, Кина или ЕУ?

Трите најголеми сили во развојот на вештачката интелигенција избираат сосема различни патишта – од строги европски закони, преку американско саморегулирање, до кинеска државна контрола.

Вештачката интелигенција сè повеќе станува технологија што не може да се развива без политички и регулаторни последици. Додека расте загриженоста поради сајбернапади со помош на AI, ризиците за националната безбедност и влијанието на четботите врз децата, трите најголеми светски центри на моќ во оваа област избираат сосема различни начини за справување со ризиците. Европската Унија се потпира на обврзувачки закони, САД главно на доброволни договори и извршни наредби, а Кина гради сопствен систем на правила под силна државна контрола.

Иако проблемите со кои се соочуваат се слични, пристапите значително се разликуваат. Во Европа регулативата е поставена како основа за контрола на ризичните системи, во САД приоритет е задржувањето на брзиот технолошки развој и економскиот раст, додека Кина се обидува истовремено да го забрза развојот на AI и да го задржи под директен надзор. Ова се трите различни модели според кои во иднина може да се обликува глобалното управување со вештачката интелигенција.

ЕУ: Првиот голем закон за вештачка интелигенција

Европската Унија во 2024 година го усвои Законот за вештачка интелигенција, познат како AI Act, кој Брисел го претставува како првиот сеопфатен законски систем во светот за регулирање на вештачката интелигенција. Основата на законот е систем со четири нивоа на ризик, при што обврските се зголемуваат зависно од потенцијалната опасност што ја носи конкретниот AI систем. Додека некои системи со минимален ризик, како одредени функции во видеоигри или филтри за спам, можат да работат со малку ограничувања, најопасните примени се целосно забранети.

Меѓу забранетите практики се системите за социјално оценување, одредени форми на препознавање емоции и технологиите што можат да се користат за манипулирање со луѓето. Сепак, европскиот пристап во меѓувреме се најде под притисок од технолошката индустрија, особено од компаниите кои стравуваат дека строгите правила би можеле да го забават европскиот развој во споредба со американските и кинеските конкуренти. Компаниите лобираа за промени, а дел од правилата за високоризичните системи беа одложени како дел од поширокиот пакет „AI Omnibus“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот месец оцени дека европските правила ја ставаат Европа во позиција да влијае врз глобалните напори за регулирање на вештачката интелигенција. Таа најави и разговори со водечките компании што ги развиваат најмоќните AI системи, со цел да се разгледа како може да се поддржат нивните напори за постепено и одговорно развивање на технологијата. Истовремено, дел од европските компании стравуваат дека премногу забавување на развојот би можело да им овозможи на американските технолошки гиганти дополнително да ја зацврстат својата доминација.

Европската Унија, сепак, не се потпира само на AI Act. Во август, ChatGPT беше првиот AI четбот додаден на европската листа на многу големи дигитални услуги, кои се предмет на дополнителен правен надзор според Законот за дигитални услуги. Брисел во септември предложи и дополнителни мерки за заштита на децата, вклучително и правила со кои би се барало AI четботите и дигиталните придружници да бидат безбедни пред да им бидат достапни на најмладите.

Предложениот Европски закон за деца предвидува ограничување на четботите кои „симулираат меѓучовечки односи на начин што создава емоционална зависност“. Предлогот доаѓа во период на зголемена загриженост поради случаи во кои интеракциите на деца со AI асистенти се поврзуваат со сериозни психолошки последици, вклучително и самоубиства.

САД: Наместо строги закони – доброволни договори

Американскиот пристап е значително поинаков. Во речиси првите две години од својот втор мандат, претседателот Доналд Трамп ја насочи американската AI политика кон доброволни обврски на индустријата и извршни наредби чија цел е да се одржи брзиот развој на секторот, кој во моментов има значајна улога во американската економија.

Уште на првиот ден од вториот мандат, Трамп ја укина извршната наредба од 2023 година на претходниот претседател Џо Бајден, со која на развивачите на најмоќните AI системи им се бараше да споделуваат резултати од безбедносните тестирања со владата. Наредбата, исто така, им даваше насоки на федералните агенции за заштита на приватноста и спречување алгоритамска дискриминација.

Во јули 2025 година Белата куќа го претстави „AI Action Plan“, со повеќе од 90 мерки насочени кон забрзување на развојот, зголемување на инвестициите во инфраструктурата и намалување на регулаторните ограничувања за американскиот AI сектор. Истовремено, една од извршните наредби на Трамп, насловена „Спречување на woke AI во федералната влада“, им наложува на федералните институции да користат модели кои се сметаат за идеолошки неутрални.

Во меѓувреме, американскиот Конгрес сè уште нема усвоено единствен федерален закон за вештачка интелигенција. Политичките поделби и силното лобирање од технолошката индустрија се дел од причините поради кои законодавниот процес напредува бавно, додека Трамп се обиде да ги ограничи и законите што ги носат сојузните држави. Сепак, Конгресот досега не ги надминал тие ограничувања, па низ САД продолжуваат да стапуваат во сила различни државни правила, меѓу кои и Законот за транспарентност на AI во Калифорнија.

Безбедноста во последно време станува уште поважна тема, особено по појавата на AI модели способни да изведуваат моќни сајбернапади. Во јуни беше донесена извршна наредба со која се воспоставува доброволен систем според кој компаниите можат да ѝ овозможат на американската влада до 30 дена однапред да пристапи до нивните најмоќни модели.

Под притисок на зголемената загриженост кај јавноста, раководителите на шест од најголемите американски AI компании на 29 септември потпишаа договор во Белата куќа со кој се обврзаа на независни ревизии и поголем надзор од страна на управните одбори над најнапредните модели. Договорот, сепак, се заснова на саморегулација и не предвидува казни доколку компаниите не ги исполнат преземените обврски, иако Трамп го опиша како „морално обврзувачки“.

Истиот ден Трамп нареди федералните агенции во официјалните комуникации терминот „вештачка интелигенција“ да го заменат со „суперинтелигенција“. Во исто време, податоците покажуваат колку AI веќе станува важен за американската економија: според Институтот за меѓународна економија „Питерсон“, инвестициите во AI инфраструктурата и самиот AI сектор во моментов придонесуваат со приближно една петтина до една третина од вкупниот економски раст на САД.

Кина: Вештачката интелигенција мора да остане „под човечка контрола“

Кина веќе има сложен и постојано променлив систем на правила за тоа како може да се користи вештачката интелигенција, вклучително и кога станува збор за деца. Во јули стапија во сила нови правила за AI четботи кои можат да служат како дигитални придружници, со цел да се ограничи создавањето емоционална зависност и да се забрани создавање дигитални копии на реални луѓе без нивна согласност.

Кинескиот претседател Си Џинпинг летово порача дека вештачката интелигенција треба „секогаш да биде под човечка контрола“. Тој повика на дополнителни закони и регулативи, технолошки механизми за надзор, системи за рано предупредување и механизми за итно реагирање, со што јасно ја постави државната контрола како клучен дел од кинескиот пристап кон AI.

И премиерот Ли Чијанг предупреди дека светот би можел да „ја изгуби контролата“ врз најнапредните технологии, меѓу кои и вештачката интелигенција, доколку владите премногу бавно реагираат со регулатива. Сепак, аналитичарите од „Оксфорд Чајна Полиси Лаб“ во септември оценија дека општото запирање или намерното забавување на развојот на AI и понатаму не е дел од главниот тек на кинеската политика.

Според нивната анализа, во Кина повиците за забавување на развојот тешко се оправдуваат, особено поради ставот дека американските мерки, како контролите на извозот на напредни технологии, веќе со години го ограничуваат развојот на кинеската AI индустрија. Пекинг затоа продолжува да вложува во развојот на технологијата, но истовремено го засилува надзорот врз начинот на кој таа се користи.

Кина го цензурира и контролира AI-генерираниот содржај на сличен начин како и другите форми на информации на интернет. Минатиот месец, шефот на кинеската разузнавачка служба предупреди дека вештачката интелигенција може да претставува закана за националната безбедност, обвинувајќи „непријателски сили“ дека ја користат генеративната AI за создавање политички гласини и ширење штетни информации.

Три сили, три различни модели

Европската Унија, САД и Кина во суштина се соочуваат со истиот проблем – како да се искористи потенцијалот на вештачката интелигенција, а истовремено да се ограничат ризиците што ги носи технологијата. Но, начинот на кој трите центри на моќ го решаваат тоа прашање е значително различен. Европа се потпира на законска регулатива, САД на доброволни обврски и извршни одлуки, додека Кина комбинира правила со силна државна контрола.

Разликите не се само политички, туку и економски и безбедносни. Додека Европа се обидува преку правила да постави граници за развојот на AI, САД настојуваат да го задржат темпото на иновациите и економските придобивки, а Кина сака истовремено да ја зајакне сопствената технолошка позиција и да обезбеди државен надзор над технологијата.

Она што останува отворено е прашањето кој од овие пристапи ќе стане модел за остатокот од светот. Како што AI системите стануваат помоќни и се вградуваат во сè повеќе делови од секојдневниот живот, од економијата и образованието до безбедноста и комуникацијата, правилата што денес ги поставуваат ЕУ, САД и Кина можат да имаат последици далеку надвор од нивните граници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс