„Страв и надеж“ во МНТ: претстава за свет што стои меѓу стравот и бездната

На 17 јуни на сцената на Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец.

На 17 јуни, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат. Делото е инспирирано од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец, еден од најизведуваните современи германски драмски автори, препознатлив по хиперреалистична драматургија која ги открива пукнатините на општеството и човекот во него.

Иако тематски се поврзува со Орвеловата „1984“, ова не е приказна заклучена во минатото. „Страв и надеж“ зборува за денешниот свет, за време на војни, егзистенцијална несигурност, отуѓување и распаѓање на хуманистичките вредности. Свет во кој човекот сè почесто стои на тенката линија меѓу надежта и бездната.

Претставата е составена од петнаесет сцени во кои ликовите се фатени во пресудни мигови од животот. Страв, осаменост, љубов, притисок, внатрешни судири и обиди да се преживее во општество што не остава многу простор за слабост. Низ ситуации што се движат од хумор до трагедија, претставата отвора прашања за ранливоста, достоинството и опстанокот на современиот човек.

Во претставата настапуваат Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска. Претходните најави за премиерата ја истакнуваат силната актерска екипа и фактот дека МНТ е прв театар во регионот што ја поставува оваа претстава.

Корепетитор и пијано е Зоран Станишиќ, музички координатор и виолина е Стефан Котевски, на кларинет е Никола Соколовски, а на кахон Милена Наумовска. Претставата „Страв и надеж“, чија праизведба се одржа на 22 април, е дел од официјалната селекција за јубилејното 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс