Стејт департмент: Криминалните мрежи од Западен Балкан се поврзуваат со нарко-картели и терористички организаци

Американскиот Стејт департмент во нов извештај предупредува дека криминалните мрежи од Западен Балкан се поврзуваат со меѓународни нарко-картели и терористички групи, што претставува закана за безбедноста и стабилноста во регионот и САД.

Американскиот Стејт департмент во нов извештај до Конгресот предупредува дека организираните криминални мрежи од Западен Балкан претставуваат сериозна закана за безбедноста на САД и меѓународниот поредок, поради нивните врски со меѓународни нарко-картели и структури поврзани со терористички организации.

Во извештајот се наведува дека овие криминални групи воспоставиле транснационални врски што ги зајакнуваат и финансираат нарко-картелите во Западната хемисфера, кои се поврзуваат и со организации означени како терористички. Според документот, овие мрежи учествуваат во трговија со дрога, перење пари и други форми на организиран криминал што имаат директни последици врз безбедноста во САД.

Стејт департментот нагласува дека американската администрација ќе продолжи со активности за нивно разградување и прекинување, преку соработка со локалните институции и зајакнување на истрагите и кривичните гонења во регионот. Посебен фокус е ставен на спречување на нелегалните финансиски текови, сајбер криминалот и криминалните мрежи кои делуваат преку границите.

Во документот се нагласува и дека политиката на САД кон Западен Балкан се менува – од пристап на „градење држави“ кон модел на стабилност и партнерство со локалните актери. Администрацијата, како што се наведува, сака да ги зајакне институциите во регионот за тие самостојно да се справуваат со безбедносните и економските предизвици.

САД остануваат фокусирани на одржување стабилност во регионот, заедно со проширување на економската и трговската соработка. Во извештајот се посочува дека Западен Балкан има значаен потенцијал поради географската положба, природните ресурси и растечкиот технолошки сектор, но и дека сè уште се соочува со проблеми како слаба инфраструктура, корупција и недоволна дигитална и енергетска развиеност.

Во делот за влијанија, се наведува дека Русија и Кина се обидуваат да го зголемат своето присуство во регионот. Москва, според извештајот, ја користи енергетската зависност и етничките тензии за политичко влијание, додека Пекинг ја проширува економската и „мека моќ“ преку инвестиции, кредити и трговија. САД оценуваат дека зајакнувањето на институциите и економската стабилност е најдобар начин за спротивставување на овие влијанија.

Извештајот посочува и дека САД планираат да продолжат со поддршка на инфраструктурни проекти во регионот, меѓу кои гасни интерконекции, енергетски проекти и модернизација на транспортната мрежа, со цел намалување на зависноста од руски енергетски извори.

Во заклучокот се нагласува дека криминалните мрежи од Западен Балкан остануваат директна закана за националната безбедност на САД, и дека Вашингтон ќе продолжи со акции за нивно разградување и спречување на нивното делување на глобално ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс