Магија под свеќи во Св. Софија: Српскиот виолинист Стефан Миленковиќ настапува со „Профундис“

Светски признатиот виртуоз и македонскиот камерен оркестар под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ носи уметничка доживеаност во Предворјето на охридскиот храм.

Вечерва од 21 часот, во Предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид, ќе се одржи концерт под свеќи во рамки на класичната програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“. На сцената ќе настапат српскиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.

Стефан Миленковиќ важи за еден од најафирмираните виолинисти на својата генерација, со меѓународна кариера одбележана со настапи во водечки светски сали. Неговото портфолио ги вклучува концертите во „Карнеги Хол“ во Њујорк, „Кенеди центарот“ во Вашингтон, „Кадоган хол“ во Лондон, „Сантори Хол“ во Токио, како и во италијанските театри „Ла Фениче“ во Венеција, „Сан Карло“ во Неапол и „Петруцели“ во Бари.

Миленковиќ настапувал како солист со Симфонискиот оркестар во Индијанаполис, Берлинскиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Орфеус“ и Хелсиншката филхармонија, под раководство на диригенти како сер Невил Маринер и Лорин Мазел. Меѓу неговите историски настапи се и концертите пред светски лидери и личности, меѓу кои Роналд Реган, Михаил Горбачев и папата Јован Павле II. Тој е лауреат на меѓународните натпревари во Индијанаполис, „Кралица Елизабета“ во Белгија, „Родолфо Липицер“ и „Премио Паганини“ во Италија, „Лудвиг Шпор“ во Германија и „Јехуди Мењухин“ во Велика Британија.

Камерниот оркестар „Профундис“ е основан во 2019 година од диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Составот е составен од македонски инструменталисти од повеќе генерации, со цел изведба на капитални класични дела, праизведби на современи автори и соработка со еминентни домашни и странски солисти.

Оркестарот досега реализираше концертни соработки со виолинистите Роман Симовиќ, Јован Богосављевиќ, Ирина Мурезану и Марио Хосен, виолончелистите Петар Пејчиќ и Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки, кларинетистот Огњен Поповиќ, флејтистот Џузепе Нова, гитаристот Даниеле Ајело и пијанистот Антонио ди Кристофано. На домашната сцена, „Профундис“ настапуваше со Владимир Костов, Ана Кондратенко, Благој Нацовски, Ема Попивода, Наде Талевска, Марија Ѓошевска, Славица Мицовска, Бранко Павловски и Љубиша Кировски.

Диригентката Ѓурѓица Дашиќ дипломираше оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е хор-мајстор во Националната опера и балет, каде ги диригираше оперите „Рита“ од Гаетано Доницети, „Севилскиот берберин“ од Џоакино Росини и концертот „Коста Трпков“, а учествуваше и во подготовката на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс