Во време на искривени вредности, дисфункционални бракови и исфорсирани врски, никогаш не сум се чувствувала подобро да кажам дека сум сингл! Затоа што пораснав во едно поинакво време точно се сеќавам какви коментари следуваа за луѓето кои не се во врска или брак. Во времето кога јас бев дете истите тие коментари на постарите околу мене правеа да посакувам никогаш да не бидам сингл кога ќе влезам во светот на возрасните. Луѓето околу мене секогаш зборуваа со доза на осуда и сожалување за жените кои се сами, немажени или без партнер. Но тогаш не бев доволно зрела да го согледам фактот дека поголемиот дел на тие коментари доаѓале од луѓе кои прво – не си го гледаат својот живот и второ – самите тие се во дисфукционална врска/брак.
Некако се имаше наметнато правилото дека ако си без партнер истото тоа треба да го кажеш тивко (затоа што не е нешто со кое треба да се „гордееш“), гласот и интонацијата треба да покажат малку срам во твојата изјава и нормално жалење зошто е тоа така. Најважно на крај додека го соопштуваш својот сингл статус е секако да се одбраниш зошто е така и за да не те гледаат како на „ѓаволот бељата“, да објасниш дека не сакаш да си сингл и бараш некој.
Епа драги мои, никогаш не сум била погласна во одговарањето на прашањето „Во врска си или во брак?“ со „Ниту едното, ниту другото. Сингл сум и среќна!“. Не знам дали сте приметиле, но најчесто ви се даваат тие два избори – врска или брак. Луѓето не сакаат ни да ја стават третата опција во игра, затоа што во токсично и искривено општество апсолутно не е во ред жената да биде сама. Јаготката на тортата е што ако сте жена на истотиот одговор добивате тешење или убедување дека треба да го смените тоа, додека ако сте маж ви честитаат и ви кажуваат дека нема ништо страшно во тоа да сте сами.
Статустот сингл не е навреда! Да бидете сами не е нешто од кое треба да се срамите и истото да го изговарате најтивко што можете со тага и жалење во вашиот глас. Дозволено е да бидете среќни додека го кажувате тоа и да не мора да се објаснувате зошто е тоа така! И најдоброто од се’ е што на волја на вистината најголемиот дел од жените кои се сингл се среќни! Знам, шокирачко нели!? Како се осмелуваме да бидеме среќни ако не сме во врска посебно ако сме го поминале прагот на 30тата година?!
Дозволете ми да ви објаснам зошто е подобро да си сигнл отколу во токсична, дифункционална врска, наметната од притисокот кој ви го прави опкружувањето:
Вие сте среќни!
Точно, вие сте среќни затоа што немате нервоза, стрес и не живеете во заблуда. Вие живеете во реалност каде сте свесни дека доколку личноста не може да ви понуди квалитет, мир и спокој кои ги имате додека сте сами, апсолутно нема зошто да сте со нив.
Имате време за себе!
Не можам да ги набројам сите примери на девојки и жени кои постигнале многу повеќе во животот додека се сами, отколку со партнер кој се чувствува загрозено од успехот на една жена и е убеден дека вие сте способни да се снајдете само во кујна и околу децата. Статусот сингл ви го дава целото време на денот да се посветите на она што вие го сакате и она што е ваша цел, ваш сон, ваша визија. Многу е полесно да успеете и да се фокусирате на вашата работа или студии кога не мора да мислите со часови каде е вашиот партнер, зошто не се јавува и дали можеби ве изневерува.
Вие сте емотивно, психички и физички здрави!
Да статусот сингл носи емотивно, психичко и физичко здравје затоа што погодувате, вие не ја трошите енергијата на некој кој е емотивно несозреан, исплашен од обврски, нејасен во комуникацијата (веројатно затоа што и покрај 30 и нешто години сеуште не знае што сака) и некој кој е причина за немир наместо за мир во вашиот живот. Не можете да замислите колку подобро се спие ноќе кога ќе си легнете без да мислите каде е, што сакал да каже со последната порака и дали колешката од работа навистина е само колешка. Сингл жените спијат како бебе, тоа е факт!
За крај пред да почнете да фрлате камења по мене, не немам ништо против бракот и против врските, доколку се здрави, нормални и функционални. Да знам дека постојат и такви, но за жал, другите се во поголем број. Затоа сме благодарни што разводот постои. И се додека не го пронајдеме тој нормален партнер кој е спремен да додаде квалитет во нашиот живот, наместо да одзема ние ќе останеме со статус сингл. До тогаш на сите кои ќе искоментираат „Ќе си останеш засекогаш сама“ ќе им кажам „Подобро среќна отколку да живеам без никаква волја за живот.“ Лесно е да процените среќна жена од несреќна, затоа бидете среќни што сте сами наместо во врска која изгледа убаво само пред луѓе, па ни тогаш.