Завршија градежните активности во ООУ „Киро Глигоров“, а од 28 септември наставата за сите ученици од I до IX одделение продолжува со физичко присуство.
Учениците од ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје од понеделник повторно ќе следат настава во училиштето, откако целосно завршија градежните активности во објектот.
Од училиштето ги информирале родителите дека работите се успешно завршени, просториите се детално исчистени и се создадени услови за безбеден престој и работа на учениците.
„Од понеделник (28.09.2026 година), воспитно-образовниот процес за сите ученици од I до IX одделение продолжува со физичко присуство во училиштето“, стои во известувањето до родителите.
Учебната година во „Киро Глигоров“ започна со изменет режим поради градежните работи. На 1 септември учениците од I до III одделение започнаа со физичко присуство, додека оние од IV до IX одделение привремено следеа настава од далечина. Причината беа градежните активности во дел од училишниот објект, реализирани во рамки на Проектот за унапредување на основното образование.
Со завршувањето на работите и повторното оспособување на сите простории, од понеделник наставата продолжува во училиштето за сите одделенија.
Проектот предвидуваше адаптација на постојните простории со цел подобрување на условите за работа и овозможување на настава во една смена.