Експерти бараат Шенген за Западен Балкан за да сопрат поделбите по етнички линии

Додека Берлин планира преполовување на работните квоти, предлогот од тинк-тенкот ЕСИ нуди интеграција без граници како бедем против етничките поделби.

Европската Унија треба да им понуди јасен план за пристап кон Шенген зоната на земјите од Западен Балкан уште пред тие да станат полноправни членки, предлага Кристоф Бендер, потпретседател на тинк-тенкот Европска иницијатива за стабилност (ЕСИ). Во авторски коментар за швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“, Бендер оценува дека ваквиот потег ќе го врати разнишаниот кредибилитет на Брисел и ќе спречи ново прекројување на границите по етнички линии.

Бендер посочува дека влијанието на Брисел во регионот слабее токму таму каде што политиката на проширување порано ги даваше најдобрите резултати. Со одложувањето на полноправното членство, на Балканот повторно заживуваат опасни идеи од крајот на осумдесеттите години. Како директен пример за оживување на тој национализам, тој го издвојува државниот погреб што Србија неодамна му го приреди на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

За да се сопре тој бран, според Бендер, Брисел мора да даде конкретна алтернатива. Влезот во Шенген би ги релативизирал границите меѓу Босна и Херцеговина, Србија и Косово, каде што различните заедници живеат поделени од двете страни на меѓудржавните линии.

Иницијативата предвидува земјите членки да ѝ дадат мандат на Европската комисија за изработка на прецизна листа со критериуми базирани врз шенгенското право. Пакетот опфаќа строга контрола на надворешните граници, усогласување на визната политика, директна полициска размена на податоци, но и исполнување на строги стандарди за владеење на правото.

Извештаите за напредокот би се подготвувале на секои шест месеци, а секоја земја би добила зелено светло за влез во безграничниот простор штом ќе ги исполни сите поставени барања, со согласност од земјите на ЕУ.

Додека европските аналитичари бараат отворање на границите за патување, Германија се подготвува да ги затвори вратите за дел од работната сила од регионот. Германскиот весник „Ди Цајт“ објави дека владината коалиција во Берлин планира да ја преполови годишната квота од таканаречената „Уредба за Западен Балкан“.

Ова правило им овозможуваше на работниците од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија да се вработат во Германија само со важечки договор, без докажување јазични или стручни дипломи. Претходната влада ја зголеми таа квота на 50.000 работници годишно, но актуелната власт бара нејзино намалување.

Против ваквиот потег застанаа Сојузот на германски работодавачи (БДА) и Сојузната агенција за вработување. Ванеса Ахуја од агенцијата изјави за „Ди Цајт“ дека скратувањето на квотите само ќе им го отежне пристапот на компаниите до неопходниот кадар, особено во градежништвото, угостителството и логистиката. Сличен став застапува и пратеничката на ЦДУ во Бундестагот, Сандра Карстенсен, која бара уредбата да остане во целост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс