Летонија ја активираше противвоздушната одбрана

Жителите на две летонски погранични области биле повикани да побараат засолниште. Литванските власти соопштија дека НАТО испратил борбени авиони за да реагира на објект што се движел кон балтичките земји од правец на Белорусија.

Летонската војска активирала единици опремени со пресретнувачки дронови и системи за противвоздушна одбрана поради можна закана во воздушниот простор долж границите со Русија и Белорусија. Вооружените сили на Летонија ги повикале жителите на две погранични области да побараат засолниште, соопштувајќи дека се преземени мерки за справување со потенцијалната закана.

Во меѓувреме, Националниот центар за управување со кризи на Литванија објавил дека НАТО подигнал борбени авиони кои учествуваат во мисијата за заштита на воздушниот простор на балтичките земји. Причината бил неидентификуван објект кој се движел кон балтичките држави долж границата со Белорусија. Засега нема официјална потврда од каде полетал објектот ниту кому му припаѓа.

Украински дронови и претходно навлегувале во воздушниот простор на НАТО

Украински воени дронови и претходно ја напуштале планираната маршрута и навлегувале во воздушниот простор на Финска, Естонија, Летонија и Литванија. Таквите инциденти ја зголемуваат загриженоста дека војната во Украина може да се прелее и на територијата на членките на НАТО што граничат со Русија и нејзината сојузничка Белорусија.

Украина во последниот период напаѓа руски нафтени пристаништа на Балтичкото Море, но дел од нејзините дронови отстапиле од зададените цели и предизвикале безбедносни предупредувања во соседните земји. Еден таков инцидент во Летонија претходно годинава довел и до пад на владата, наведува „Ројтерс“.

Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат

Русија ја обвинува Украина дека го користи воздушниот простор на членките на НАТО како засолниште при нападите врз руска територија.


Киев, пак, тврди дека дел од украинските дронови ја менуваат траекторијата поради руското електронско попречување на навигациските сигнали. Членките на НАТО за инцидентите ја обвинуваат Русија, посочувајќи дека таа е одговорна за почетокот на војната во Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс