Британскиот премиер Кир Стармер, наводно размислува за „сите опции“, вклучително и можноста за оставка, доколку градоначалникот на Манчестер, Енди Бернам, победи на дополнителните избори во Мејкерфилд, објави британскиот весник „Телеграф“, повикувајќи се на извори од владата.
Според весникот, блиски соработници на Стармер тврдат дека премиерот во приватни разговори делува „значително помалку борбено“ отколку во јавните настапи. Сепак, дел од неговите сојузници го советуваат да не поднесува оставка пред евентуалните предвремени избори закажани за 18 јуни, со цел да се избегне отворена битка за лидерската позиција во Лабуристичката партија.
Во британските политички кругови сè погласно се шпекулира дека заменичката лидерка на лабуристите Ангела Рајнер, и поранешниот лидер на партијата , Ед Милибанд, би можеле да застанат зад Бернам доколку тој стане пратеник и официјално ја започне трката за премиер.
Во меѓувреме, според истиот извештај, и поранешниот министер за здравство, Вес Стритинг, размислува за сопствена кандидатура, што дополнително ги засилува внатрешните поделби во партијата.
Од Даунинг стрит 10, ги демантираат наводите дека Стармер подготвува оставка и инсистираат дека тој верува оти може да остане на функцијата, и покрај растечкиот притисок од околу 100 лабуристички пратеници кои бараат негово повлекување.
Националниот извршен комитет на Лабуристичката партија веќе ја одобрил кандидатурата на Бернам за дополнителните избори во Мејкерфилд, а аналитичарите оценуваат дека евентуалната победа би му овозможила враќање во Долниот дом и формално право да се кандидира за лидер на партијата.
Дополнителен притисок врз Стармер создаде и американскиот претседателДоналд Трамп, кој изјави дека британскиот премиер тешко ќе опстане политички доколку не ја промени политиката за имиграција и енергетика.