Украина соопшти дека повторно воспоставила стабилна врска со сателитскиот систем Старлинк на компанијата СпејсИкс, кој е од клучно значење за украинската војска. Ова следува по неколкудневни ограничувања на брзината, во период на зголемени тензии меѓу Киев и Вашингтон.
„Системите за следење на Министерството за одбрана повторно регистрираат воспоставување на брзините на Старлинк и Старшилд. Бележиме брзини поголеми од 400 километри на час, а врската е стабилна“, изјави украинскиот министер за одбрана Евгениј Хмара.
Тој нагласи дека обновената врска е особено важна за војниците на фронтот, операциите со дронови, логистиката и комуникациите. Хмара го поздрави и, како што го опиша, цврстиот став на украинскиот претседател на највисоко ниво, оценувајќи дека тој почнува да дава резултати.
Ограничувањата ги попречуваа операциите со дронови
Украина неколку дена се жалеше на ограничувањето на брзината на терминалите на Старлинк на 160 километри на час. Тоа ја отежнувало употребата на одредени дронови, кои се важни за воените операции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Вашингтон дека стои зад ограничувањата. Тој, исто така, тврдеше дека во неколку наврати Киев не бил навремено предупреден за руски ракетни напади пред проектилите да ги погодат целите.
Белата куќа и милијардерот Илон Маск, чија компанија СпејсИкс управува со Старлинк, ја негираа одговорноста за ограничувањата на сателитскиот систем.
Вчера американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Маск повторно ја активирал мрежата на Старлинк за Украина. Ограничувањата се појавија по ескалацијата на тензиите меѓу Зеленски и Трамп, кои во изминатиот период разменуваа остри критики во јавноста.
