Купувањето станови во Македонија се претвори во финансиска трка за зачувување на капиталот, наместо за решавање на основната потреба за домување. Иако официјалниот попис регистрираше повеќе од 307.000 празни живеалишта низ земјата, градежната експанзија не запира, а цените растат со темпо што ја сместува државата на самиот светски врв. Додека станбениот фонд се полни со нови илјадници квадрати, за просечните граѓани и младите семејства сопствениот покрив над глава станува недостижен луксуз.
Државниот завод за статистика на последниот попис евидентираше 839.174 станови во Македонија, од кои дури 307.187 се водат како ненаселени. Тоа значи дека 36,6 проценти од вкупниот станбен фонд стои празен. Наместо ваквиот вишок да предизвика притисок за намалување на цените, на теренот се случува спротивен процес.
Инвеститорите и приватните сопственици продолжуваат да градат и да продаваат по сè повисоки тарифи. Податоците покажуваат дека голем дел од овие празни објекти се наоѓаат во рурални општини или иселени региони каде што нема економски интерес за живот. Но дури и во поголемите урбани центри, сопствениците претпочитаат да ги држат имотите заклучени како чувари на заштедите од инфлацијата, наместо да ги понудат за закуп или по пониска продажна цена.
Индексот на цените на станбените недвижности бележи двоцифрени стапки што ја рангираат Македонија меѓу водечките пазари на глобално ниво. Според меѓународните прегледи на пазарот на недвижности, земјата забележа номинален скок на вредноста на становите од над 16 проценти на годишно ниво. Со ова темпо, поскапувањето кај нас е веднаш зад Турција и Унгарија, а ги надминува стапките во Португалија, Хрватска и Бугарија.
За споредба, просечниот раст на станбениот простор во Европската Унија според податоците на Еуростат изнесува 4,7 проценти. Истовремено, Народната банка преку индексот на огласени цени во Скопје регистрира континуиран раст што го надминува прагот од 10 проценти годишно. Разликата меѓу домашните плати и поскапувањето на квадратот станува сè подлабока, бидејќи реалните приходи на домаќинствата не можат да го следат темпото на станбената инфлација.
Пазарот е најактивен во скопските општини Центар, Карпош и Аеродром, каде што се слева најголемиот дел од капиталот. Во Аеродром минатата година беше продаден стан за 166.500 евра, при што на одредени локации беа регистрирани поединечни трансакции со вредност од 3.784 евра за квадратен метар. Во општина Центар поединечен станбен простор достигна вредност од 3.360 евра по квадрат, а за куќа беа платени 1,5 милиони евра.
Податоците од Катастарот покажуваат дека обемот на трансакции со недвижности достигна годишна вредност од 1,14 милијарди евра, при што становите учествуваат со речиси половина од целиот финансиски промет. Иако бројот на продадени станови во одредени периоди бележи благо намалување, вкупната вредност на трансакциите расте. Купувачите што располагаат со капитал избираат конкретни урбани зони, создавајќи концентриран ценовен притисок што ги диктира условите за целиот пазар.
И покрај постоењето на стотици илјади празни домови, градежните дозволи покажуваат дека темпото на нови градби не забавува. Само во периодот од 2020 до 2025 година беа издадени одобренија за изградба на речиси 50.000 нови станови, од кои околу 46 проценти се концентрирани во Скопскиот Регион. Завршените згради брзо се распродаваат уште во фаза на карабина, што потврдува дека побарувачката ја движат купувачи со готов капитал.
На пазарот за закуп состојбите варираат. Официјалните извештаи покажуваат дека граѓаните на ниво на држава плаќаат месечна закупнина од околу 4 милиони евра. Сепак, во одредени тримесечја бројот на нови договори за закуп бележи пад од речиси 17 проценти, додека истовремено бројот на купопродажби расте за над 20 проценти. Луѓето со вишок финансии купуваат недвижности за да се заштитат од обезвреднување на парите, а младите кои не можат да подигнат кредит остануваат притиснати меѓу скапите кирии и недостапните квадрати.
Проблемот со неискористениот станбен фонд не е присутен само во Македонија, но европските земји бараат начини да го вратат имотот во функција на граѓаните. Шпанија има околу 3,84 милиони празни домови, но дури 45 проценти од нив се наоѓаат во мали општини со под 10.000 жители. Франција бележи околу 2,9 милиони празни живеалишта, што претставува 7,6 проценти од нејзиниот вкупен фонд.
За да спречи намерно чување празни станови во градовите со станбен притисок, Франција воведе оданочување од 17 проценти во првата година и 34 проценти во следните години, пресметано врз катастарската вредност за изнајмување. Ирска пак применува грантови меѓу 50.000 и 70.000 евра за граѓаните што ќе купат и реновираат објект што бил празен најмалку две години, со услов да го користат за живеење или долгорочно изнајмување. Кај нас вакви мерки сè уште нема, па купувањето стан останува приватна трка меѓу капиталот и реалната потреба за кров над главата.