Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска наместо традиционалното одбележување на 1 Мај со излети и скара, организира протест пред зградата на Работничкиот дом, со почеток во 11 часот. Поворката потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат доставени синдикалните барања.
Слоганот под кој маршираат е јасен: „За плата се бориме, не се молиме” – порака која ја осликува сегашната состојба на работниците: ниски плати, растечки трошоци за живот и чувство дека трудот не се вреднува соодветно.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повика на масовна излезност, истакнувајќи дека цела година наназад нема напредок во тријалогот меѓу Владата, работодавачите и синдикатите во Економско-социјалниот совет (ЕСС). “Кога институционалниот дијалог не дава резултати, протестот станува единствен начин за притисок”, порача ССМ.
Од ССМ апелираат и на работничка солидарност: „Работничката солидарност не смее да има граници – денес се бориме за оние со најниски плати, утре за сите нас.”
За разлика од ССМ, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) нема да учествува на протестот. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, изјави дека тие го претпочитаат патот на социјален дијалог и дека резултатите се постигнуваат на маса, а не на улица.
Во Македонија, 1 Мај долги години беше пред сè ден за одмор и семеен излет. Но протестниот повик на ССМ сигнализира промена. Овој датум сè повеќе се враќа кон своето изворно значење: ден на борба за работнички права, а не само пауза од работата.
Инфлацијата и поскапувањата продолжуваат да го неутрализираат секое номинално зголемување на платите, додека голем дел од работните места остануваат во нискододадени сектори со ограничени изгледи за напредок. Резултатот е длабок јаз меѓу она што институциите го прикажуваат како напредок и она што работниците го чувствуваат секојдневно.